Се ближи почетокот на новата учебна година. Децата се возбудени, а некои се исплашени, токму како и родителите, чија улога е внимателно да ги подготват за новиот циклус од образованието.

Што е најдобро да му се каже на детето, а што не смеете да му кажете? Има многу дилеми, можности, а еден психолог кажува што е најефикасно, па ги советува мајките и татковците за оваа тема.

„Прво, да им се обраќа со ВИЕ на непознати лица. Второ, да седи правилно и мирно во столот. Трето, да слуша внимателно“, наведува психологот Радмила Грујичиќ од Србија и додава:

„Четврто, да ве праша ако нешто не разбира и петто, да ја слуша учителката бидејќи таа е замена за родителите во училиштето. Значи, треба да му се каже сето она што му е потребно и важно за да може слободно да ѝ се обрати на учителката или на учителот“.

Не е тешко да се применат советите, а кога внимателно ќе погледнете, ќе видите дека во нив е опфатено сѐ, од безбедноста на детето до учењето.

Со овие совети целата учебна година би требало да биде успешна. Овие препораки можат за кратко време да дадат одлични резултати, но психологот истакнува дека постои нешто што родителите би можеле да го запомнат за во иднина, особено оние чии деца се првачиња.

– Би напоменала дека подготовката за на училиште се прави во годините пред самото поаѓање на училиште, а особено една година или шест месеци претходно кога децата одат на претшколска настава. Многу е важно родителите да се вооружат со потребното трпение бидејќи и на децата им е потребно време да ги прифатат сите правила што важат во училиштето – порачува психологот Грујичиќ.

Важно е само од училиштето да не се прави голема работа и децата да не се заплашуваат со оценките, ниту со казни поради негативниот успех на училиште. Учењето е процес со подеми и падови. Подемите нема да се случат без успешно надминување на падовите.

Важно е и учењето да не биде само корисно, туку и забавно, а кон тоа многу придонесува отсуството на страв и казна.



912

X