„Светот на Биби“ се закити со „Златна бубамара на популарноста“ за детска анимирана серија. Наградата ја додели проф. д-р Аспазија Софијанова, директорка на Универзитетската клиниката за детски болести, а за неа се заблагодарија нашите омилени – Биби и Боби.

При доделувањето на наградата д-р Софијанова истакна дека ликовите Биби и Боби им предизвикуваат насмевки на децата и ги учат на животни поуки.

– Секојдневно работам со деца и знам колку чини секоја нивна насмевка. Знам и колку едноставно и колку многу насмевки постојано им предизвикуваат нивните нови цртани херои Биби и Боби. Тие денес се популарни како што Мики Маус и Шиљо беа популарни во мое време. Се гледаат во секој дом каде што има мали деца, ги гледаат и мајките и татковците, и целото семејство, со нив се отвора апетитот, со нив се стимулира здравјето, со нив се учат животни поуки – рече д-р Софијанова.

Преку анимираните ликови беше претставена работата на голем тим професионалци од „Светот на Биби“ вклучени во креирањето и на анимираната серија и на цела низа производи, за децата да го добијат најдоброто.

– За нас, во „Светот на Биби“, децата се најважни. Секоја епизода е едукативна, забавна и весела. Зад неа стојат сценаристката Билјана Црвенковска, арт-директорот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, режисерите Гоце Цветановски и Никола Чикос, актерите: Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев и Сашка Димитровска, како и продукцијата „Светот на Биби“, наставниците и едукаторите од „Бибиверзум“ и целиот тим аниматори, графички дизајнери и монтажери. Сите тие имаат свој придонес во финалниот производ, односно во оние кратки анимирани видеа во кои уживаат децата и родителите. Но, „Светот на Биби“ е многу повеќе од анимирана серија. Се работи за сеопфатен проект на кој работат околу 80 луѓе, чија цел е едукација и воспитување на децата во сите области. Дел од изданијата на „Светот на Биби“ се и книги, сликовници, боенки, друштвени игри, кукли… „Бибиверзум“ е исто така сеопфатна едукативна програма, дел од овој забавно-едукативен свет. Како што кажаа и нашите главни ликови за наградата, наша примарна цел е едукацијата на децата, затоа што тие се учителите на идната генерација – велат од продукцијата „Светот на Биби“.

На манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, која вчера се емитуваше во вонредни, пандемски услови, огромна почит им беше оддадена на здравствените работници кои се во првите редови во битката за враќање на старото нормално.



912

X