Воспитување

Златко од Осиек поправа стари детски велосипеди и ги донира

Многу деца секој ден уживаат во возењето велосипед заедно со своите пријатели, но за некои деца тоа се само долго сонувани соништа бидејќи нивните семејства едноставно немаат доволно приходи за да им купат. Размислувајќи за таквите семејства, велосипедскиот клуб „Фурај Лега“ одлучил да им го овозможи најубавиот Божиќ на тие деца.

Акцијата за донирање велосипеди на социјално загрозените семејства била идеја на Златко Ѓаковиќ, познат како Злаја, механички техничар кој едно време работел и во Судан. Имено, на фејсбук-профилот од здружението „Фурај Лега“ во Осиек објавил повик – луѓето да ги извадат старите детски велосипеди од своите подруми и тавани и да ги донесат во здружението за тој да ги поправи, да ги направи речиси како нови, па да им ги донира на семејствата што немаат пари за нов велосипед. „Фурај Лега“ е здружение основано годинава, за време на корона-кризата.

Злаја смислувал начини како да го искористи своето време и да не размислува за животните проблеми, па одлучил да отвори велосипедски клуб. Неодамна му се јавила идејата за покренување на оваа хуманитарна акција бидејќи иако неговата финансиска состојба не е сјајна, додека пиел кафе размислувал за луѓето како него, но најмногу за оние што треба да се грижат и за своите деца.

фотоизвор: Давор Јаворовиќ/Pixsell/Приватни албум

– Идејата ми дојде додека го пиев утринското кафе. Мојот статус на волонтер за војната сè уште не е решен. Размислував за луѓето што имаат ист проблем како мене, оние што живеат од социјална помош. Размислував како им живеат децата и како им е на семејствата што едвај врзуваат крај со крај. Одеднаш се сетив. Мојата работа е на пауза поради зимата, па си помислив зошто да не го искористам времето и да почнам ваква хуманитарна акција – вели скромниот механичар.

Голем одѕив

Набрзо почнале да му стигнуваат пораки, една по една, па десет. Му се јавувале луѓе што сакале да донираат велосипеди, но и такви на кои тие велосипеди им се потребни. Златко е воодушевен од секоја порака, а дел од велосипедите сака да им ги донира на децата во Домот за незгрижени деца „Класје“. Славонците покажале дека во нив чука големо срце бидејќи за толку кратко време донирале дури 40 велосипеди. Меѓутоа, оние на кои им требаат велосипедите побавно се јавуваат, вели Златко – на луѓето веројатно им е непријатно, но ги поттикнува слободно да се јават и да го изберат својот нов велосипед.

фотоизвор: Давор Јаворовиќ/Pixsell/Приватен албум

Толку многу велосипеди се собрале за кратко време, што Златко секое утро мора да ги изнесува од својата скромна работилница бидејќи во неа не собира многу велосипеди. Сè што е потребно е да си изберат велосипед кој ќе го добијат со документ за донација со кој стануваат нови сопственици на велосипедот.

Кога слушнале за оваа акција, почнале да му помагаат и сопственици на сервиси за поправка на велосипеди. Сепак, најголема поддршка добива од неговиот пријател Жељко Јаворовиќ.

– Важно е да се донесе велосипед во возна состојба, но и да е безбеден. Секој велосипед темелно го прегледувам и го поправам бидејќи не би си простил ако некое дете доживее несреќа поради неисправен велосипед – вели тој.

фотоизвор: Давор Јаворовиќ/Pixsell/Приватен албум

– Оваа хуманитарна приказна ми е феноменална! Многу е убаво да се види кога луѓето имаат такво хуманитарно срце. Моето девојче Магдалена немаше велосипед, па на ваков начин го добивме. Тогаш и јас одлучив да се вклучам во поправање велосипеди и да му помогнам на Злаја во акцијата. Велосипедот на Магдалена подоцна ќе го добие нејзината помлада сестра Марта – изјавил Тео Стетек и нагласил дека овој велосипед подоцна нема да сака да го продаде, туку повторно ќе го донира на ново семејство каде што ќе биде потребен.

фотоизвор: Давор Јаворовиќ/Pixsell/Приватни албум

Златко е полн со креативни идеи. Па така дошол и до идејата за „Велосипедоклиника“, во светот наречена како „Бајк кичен“ („Bike Kitchen“).

– Еднаш неделно доаѓате во клубот, го користите нашиот алат со наша помош и насоки. Поправете си го бесплатно велосипедот. Ако треба, ние ќе го замениме велосипедот, ќе го решите менувачот и слично. Тоа се нарекува велосипедоклиника – заклучува Златко.

Така тој упорно секој ден до Божиќ, но и подоцна, ќе продолжи да ги усреќува своите сограѓани, а особено оние најмладите за барем на некој начин да им овозможи безгрижно детство.

Автор: Марија Циндриќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top