Децата до две години се посклони на хипотермија и нивното тело полесно ја губи топлината, па затоа за прошетка треба да бидат облечени во слоеви памучна облека и покриени бидејќи им е поладно кога лежат.

– Уште на еден месец бебето може да излезе надвор и во зима, но ако е предвреме родено бебе, подобро е да ги одложите прошетките ако надвор температурите се под нулата. Во зима најдобро е да се шетате околу пладне, а да не излегувате кога има магла, мраз или силен ветер. Не треба да шетате ни навечер – објаснува педијатарот, д-р Џована Армано и додава дека секојдневната прошетка во никој случај не подразбира престој во трговските центри.

За време на првите зимски излегувања, на бебињата им е доволен и до половина час, а како што расте бебето, излегувањата постепено треба да се продолжуваат. Децата постари од две или три години можат да бидат надвор подолго од еден час доколку се физички активни.

При прошетки во зима, на децата често им тече носот, што е нормална реакција на студениот воздух. Затоа родителите треба да ја избришат областа околу усните за да не се оштети влажната кожа. Од истата причина, подобро би било бебето да нема цуцла во устата бидејќи под неа се собира плунка.

– Најниската температура кога можете да излезете зависи од возраста на бебето и временските услови. И Скандинавците излегуваат на -15, но ние не сме навикнати на тоа. Не би препорачал малите да излегуваат кога е под нулата – вели д-р Армано.

Една од најчестите грешки што ги прават родителите е несоодветно облекување на своите деца – или премногу облечени или премалку облечени.

Бебињата мора да имаат капа надвор бидејќи 25 отсто од телесната топлина се губи преку главата, но тоа не значи дека треба да бидат премногу слоевито облечени во затворени простории.

Ова може да го оштети системот за терморегулација, па детето подоцна ќе биде зиморливо и склоно кон настинки. Постарите деца кои скокаат и трчаат треба да носат слој помалку бидејќи се потат, а облеката треба да биде водоотпорна.

– Лесно ќе препознаете дали на бебето му е ладно. Ќе плаче, рацете ќе му бидат студени, а може и да трепери. Ако родителите ги забележат овие знаци, треба да го однесат детето дома, да го загреат и да му дадат топол пијалак.

– Ако на бебето му е ладно подолго време, може да настине, да биде раздразливо и да стане почувствително на вируси и бактерии – вели д-р Армано.

Извор



912

X