Сите знаат дека штом станеме родители, мора да се откажеме од многу работи. Доцните ноќи ќе ги замените со раните утра, најверојатно ќе имате помалку време за партнерот, а повеќе нема да можете да ги оставате сечилата и острите работи низ домот, на несигурни места.
Иако повеќето луѓе можеби се свесни за овие донекаде очигледни жртви, има и други работи што ги губите кога ќе станете родител – работи од кои е помалку очигледно дека треба да се откажете.
Жртви што родителите ги прават за своите деца за кои никој не ги предупредува
Никогаш не сте тој што одлучува што ќе се гледа на телевизија
Откако ќе добиете деца, го гледате она што тие сакаат да го гледаат. Исто така, нормалните луѓе гледаат епизода од некоја серија и потоа преминуваат на следната епизода. Но, кога ќе станете родител, ќе ја гледате истата епизода повторно и повторно.
Да бидете принудени да бидете пријатели со луѓе врз основа на тоа дали вашите и нивните деца се сакаат
Вашето дете треба да се дружи со други деца на негова возраст. Тие нема да излезат самите и да запознаваат луѓе (барем не додека не дојдат до училишна возраст), така што тоа ќе зависи од вас. Па така, сега треба да бидете пријатели со некои луѓе едноставно само затоа што тие имаат деца на иста возраст како вашите. Колку често ќе ги гледате овие луѓе, зависи исклучиво од тоа дали вашите деца се сакаат и си играат со нивните. Во тој случај, подобро е да се надевате дека вашето дете нема да се дружи со дете кое има родители кои не користат сапун.
Вашето дете може да ги открие вашите тајни.
Вашето дете е како мал магнетофон. Го помни сето она што го гледа и слуша. Секогаш кога детето е наоколу (што е во основа секогаш), тоа ја „документира“ секоја работа што ќе ја кажете. Исто така, нема концепт за чување тајни. Тоа само ги кажува работите гласно, без оглед на тоа кој може да биде присутен.
Мислите дека лазањите на вашата свекрва не се толку одлични? Па, немојте да го кажувате тоа гласно пред вашето малечко, освен ако не сакате потоа да имате мноооогу непријатен разговор со неа.
Подготвување посебни оброци за вас и вашето дете
Една од најчудните работи кај децата е тоа што тие никогаш не сакаат да јадат. За разлика од возрасните. Обидот да се натера дете да јаде е дури и вознемирувачки. Тие едноставно нема да го направат тоа. Кога ќе наидат на храна што навистина им се допаѓа, тоа е единственото нешто што сакаат да го јадат во следниот период. Залудно го правите вашиот омилен оброк, кога треба да го нахраните и детето. Затоа, освен ако не планирате да подготвите еден оброк за себе, а потоа да подготвите сосема посебен оброк за детето, навикнете се на фактот дека вашето малечко ќе се „заљубува“ во чудна храна, која ќе ви биде полесно да ја консумирате отколку да се расправате со детето.
Внимавајте што зборувате
Без пцости! Дури ни случајно. Ова изгледа како очигледно предупредување, но колку често пцуете? Веројатно немате поим. Не е вистина дека никогаш не пцуете – но, вистина е дека постојано треба да внимавате. Нема ништо полошо од пцуење околу малечкото дете. Немате поим дали го слушнало сето тоа и немате поим дали го запомнило, сѐ додека во несоодветна ситуација самото дете не ја изговори истата пцост.
Исто така, заборавете на изразување на вашите силни политички мислења околу вашето дете.
Ставање на вашите хобија на крајот на листата со приоритети
Само супербогатите личности можат да имаат и деца и хоби. Повеќето луѓе имаат деца, а потоа го губат целото свое слободно време, просторот во домот, како и енергијата за да останат будни. Исто така, тие ги трошат повеќето од вашите пари за нивните потреби. Освен ако вашето хоби не подразбира да дремнете пет минути наместо да спиете цела ноќ, тогаш речете им „чао“ на вашите хобија.
Фрлете го вашиот распоред низ прозорецот
Никогаш нема да можете да го реализирате распоредот. Не можете да ги планирате работите однапред затоа што понекогаш децата само одлучуваат дека е време да се однесуваат несоодветно или безобразно. Кога ќе се случи тоа, нема запирање. Секако, можеби сте планирале да се видите со пријателите, но баш во тој момент вашето дете не сака да излезе од дома.

Јадење во ресторан без чувство на вина
Ако некогаш сте работеле во услужна дејност, разбирате дека да се биде келнер на маса каде што има мали деца е најлошо. Децата прават неред, гласни се и обично за нив не се нарачува многу храна. Сега кога сте родител, секое искуство во ресторанот ќе заврши така што ќе се чувствувате виновни затоа што вашето дете го истурило сокот и го нарекол келнерот со погрден збор.
Немање спонтаност
Една од најдобрите работи кога сте возрасен човек без деца е тоа што можете да одлучите спонтано да направите нешто, а потоа…едноставно го реализирате тоа. Патување во последен момент, одење на забава, па дури и само да излезете надвор и некаде да јадете – сето тоа може да биде спонтана одлука. Но, не можете само да тргнете со бебе на пат.
Автор: Мајкл Холан