Звучи невозможно, и колку и да си повторувате дека некој се занел во броењето и дека тоа физички е неизводливо, Маријам вели дека има 38 деца, а родила 44
Нејзиното име е Маријам Набатанци и живее во Уганда. Ниту еден период од нејзиниот живот не бил лесен. Кога имала 13 години, родителите ја продале на 27-годишен маж. Тоа го нарекувале брак, но Маријам не знаела што се случува сè додека не ја оставиле во неговата куќа. Една година подоцна ги добила првите бебиња, близнаци, другата година добила тројка, а следната година добила четворка.
Уште како тинејџерка сфатила колку е тежок бракот.
– Мојот сопруг имаше многу деца од претходните врски и морав да се грижам и за нив. Тој беше насилен, ме тепаше секогаш кога ќе му предложев нешто што не му се допаѓаше – раскажува Маријам. Во тој период таа веќе имала 23 деца. Сфатила дека повеќе не може да живее така и побарала од лекарите да направат некаква хируршка интервенција за да не раѓа повеќе. По направените детални анализи докторите ѝ кажале дека каква било интервенција би била преголем ризик за неа.
Родила 44 деца, шест пати близнаци, четири пати тројки и три пати четворки, а само двапати родила по едно дете. Шест дечиња ѝ починале.
Маријам вели дека не жали за ништо и дека децата ѝ се Божји благослов.
Единствено што ја загрижува е што нејзините деца растат без татко. Нејзиниот сопруг често исчезнувал со месеци, некогаш и со години, а на крајот ги напуштил. Никогаш не учествувал во одгледувањето на децата, освен што им ги давал имињата, понекогаш тоа го правел и по телефон. Најстариот син има 23 години и не го видел својот татко од својата 13. година.
Маријам нема време да се жали и да се сожалува себеси. Целиот живот им го посвети на децата, обидувајќи се да им обезбеди егзистенција. Најголем трошок ѝ е храната. Секој ден ѝ се потребни 10 килограми месо, 7 килограми грав и 4 килограми шеќер.
Сите деца одат на училиште. Една е медицинска сестра, а еден од синовите е квалификуван ѕидар.
– Се надевам дека сите ќе се школуваат бидејќи имаат амбиции да станат доктори, учители и адвокати. Сакам да си ги реализираат своите соништата, нешто што јас не можев да го остварам – вели таа.
Meet 37 year old Mariam Nabatanzi Babirye who has 38 children! (Photos)https://t.co/WyGxBLoPTi pic.twitter.com/CESuRgXuuF
— happeningsmediang (@happeningsng) April 26, 2017
За да ги покрие трошоците, таа морала да научи многу различни вештини. Собирање лековити растенија за да може да ги продава, правење колачи, ѕидање, организирање и декорирање на прослави, правење фризури за венчавки.
Маријам има порака за сите родители во нејзината земја.
– Престанете да си ги продавате своите ќерки. Тие премногу страдаат, а загубата на родителската љубов е нешто од што никогаш нема да можат да закрепнат. Ќе продолжам да се борам за моите деца секогаш да имаат храна на масата. Никогаш нема да ги напуштам, дури и ако се бориме да го преживееме секој ден – рече таа. Потоа им порача нешто и на мажите.
– Не заборавајте на одговорноста бидејќи бракот претставува заедничка одговорност за одгледување на децата.