Јасмина Трошанска, дефектолог

Јасмина Трошанска, дефектолог

Здружение за унапредување на квалитетот на живот на лицата со АСН „Сина светулка“
тел. 070 325 805 е-пошта: sina.svetulka@gmail.coms
contact@autism.mk
веб: www.autism.mk
Autism Macedonia-Blue Firefly

Повеќе од авторот

Денес, сите сме свесни дека бројот на децата и на лицата со аутизам во нашето опкружување расте. Свесноста за постоењето на оваа проблематика постои, но свесноста за соодветен третман од страна на институциите, за жал, постои во траги. Аутизмот не е нова состојба. Првпат овој збор е споменат од Југин Бројлер во 1900 година, кој со терминот аутизам дефинирал одредени симптоми кај шизофренијата. Преку верувањата дека аутизмот е предизвикан од житариците (1920), примена на електроконвулзивната терапија (1930), дефинирањето на детскиот аутизам (Лео Канер 1943) и Аспергеровиот аутизам (1944), периодот на „ладните мајки“ (1950), од 1960 наваму се формираат најголемите организации во светот (Американското здружение за аутизам и Националното здружение за аутизам од Велика Британија) и поставуваат барања општеството да им излезе во пресрет на оваа категорија граѓани и на нивните семејства.

Замислете си како би изгледало кога вашиот живот би се сведувал само на она што го гледате? Дали можете да ги видите чувствата, мислите, впечатоците? Што би направиле доколку за да функционирате во надворешниов свет, ви е потребна визуелна поддршка? За лицата со аутизам важи правилото „сѐ што гледам, разбирам“. Тие имаат проблем во социјалната интеракција и комуникација. Овој проблем има своја психолошка заднина, односно со теоријата на умот. Тоа е способност да влеземе во туѓите чевли и да мислиме, чувствуваме, гледаме од перспектива на другиот. Оваа психолошка теорија, која се развива кај децата на 4-годишна возраст, кај децата со аутизам не се развива доколку не се научи. Притоа, тие имаат проблем во комуникацијата и интеракцијата со другите деца. Секое социјално однесување треба да се претстави визуелно, да се раздели на мали делови со цел да се разбере и да се научи постепено.

Исто така, важно е да се спомене дека кај оваа популација постои нарушување на егзекутивните функции. Тоа се група когнитивни процеси кои ни овозможуваат одредени вештини да ги претвориме во автономни практични активности. Овие вештини ни се потребни за да се организираме, да бидеме флексибилни, да антиципираме, да планираме, да си поставуваме цели и задачи, да ги контролираме нашите импулси итн.

Децата со аутизам го гледаат дрвото, не ја гледаат шумата. Тие имаат проблем со централна кохеренција и заклучуваат врз основа на мали детали пропуштајќи го значењето на целата слика. Тие се помалку подложни на оптички илузии и се многу побрзи на тестовите за визуелно препознавање. Ова е нивната јака страна, која треба да ја искористиме.

Лицата и децата со аутизам бараат правила и создаваат системи дури и ако системите не постојат (колекции на диносауруси, како функционира радиото, распоред на возови, календари, музика, метеорологија, рутина на танцување со партнер, скокање на трамбулина). Имаат исклучителна способност за систематичност, од една страна, и хипоактивност во однос на емпатичноста, од друга страна.

Тие различно функционираат во однос на сетилата. Понекогаш може да им пречи дразба која ние едвај ја примаме или, пак, може да не примаат дразба која за нас е преголема. „Сите ние доколку не би имале можност да ја гледаме црвената боја, таа никогаш не би била симбол на љубовта“, вели Олга Богдашина, мајка на дете со аутизам, професор и автор на литература за сензорна интеграција.

Сите овие карактеристики кај лицата со аутизам бараат поддршка со цел нивно надминување. Без визуелна поддршка нема напредок. Сликите се користат кога детето не зборува – заради учење комуникација и поттикнување на говорот, кога детето има говор, но не го користи во комуникативни цели, кога детето има говор, комуницира, но не ги разбира сите форми на јазикот итн. Сликите се дел од визуелните распореди, кои можат да бидат претставени и од вистински предмети и од предмети што асоцираат на одредени активности, доколку детето не е заинтересирано за слики. Понатаму, на децата и лицата со аутизам што имаат тешкотии во разбирањето на различните ситуации (бидејќи не можат да читаат меѓу редови и не ги разбираат непишаните социјални правила) потребни им се социјални приказни. Социјалните приказни се создаваат за секое дете и се адекватни на ситуацијата што сакаме да му ја доловиме визуелно. Однесувањето кај децата со аутизам е најголемиот проблем и најчесто е предизвикано од нарушените вештини за комуникација и интеракција. Понекогаш можеби детето го боли нешто, а тоа не може да побара помош, можеби е гладно или жедно, а не може да побара храна и вода, сака да оди некаде или не сака итн. Визуелната поддршка овозможува комуникација, контрола на однесувањето, ја јакне самодовербата и ги подобрува релациите на детето со неговата околина. Токму тоа е она што затајува кај нас, во нашето опкружување, а се применува секаде во светот. Како што на лицето со телесна попреченост му е потребна инвалидска количка, на лицето со оштетен вид очила, така на лицето со аутизам му е потребна визуелна поддршка.

Време е професионалците и родителите сериозно да ја сфатат потребата на лицата со аутизам и да се обидат светот да им го направат посликовит и поблизок. Нивниот успех е успех на сите нас. Да го погледнеме светот од поинаква перспектива.



912

X