Во иста утроба растеле. Со исто млеко задоени. Од малечки научени да бидат задоволни и благодарни за се што имаат, колку и да е тоа малку. Заедно правеле детски неволји. Заедно се радувале, заедно тагувале. Една на друга си биле поддршка и потпора во се.

Се омажиле на растојание од два месеци и како нивниот живот со бракот драстично ги променил. „Женско дете-туѓа куќа“, велеле старите.

Едната од нив живеела скромно. Работела во фабрика во која работел и нејзиниот сопруг. Пример и биле чесните луѓе од околината. Живеела како и повеќето од нив. Материјално и не можела многу да си дозволи за своите деца, но им се давала целата. Секој слободен момент го поминувала во прошетка и разговор со нив. На одмор одела еднаш во 2 години, ако се може. Граделе куќа и немале многу.

Другата уживала во луксуз и гламур, кој сопругот и го обезбедил. Со брендирана облека ја гасела нескротливата жед за присуството на сопругот. И недостигала неговата љубов. Семејна блискост. Плачела знаејќи за сите негови излети надвор од бракот. Вешто и ги бришела солзите со скапоцен накит, чевли Прада, фустани Кавали. Ги сакала таа своите деца, но на некој посебен начин. Како доказ за љубов ги водела во светските метрополи и ги осипувала со најскапите предмети.

Сестрите речиси и да не се гледале. Со тек на време потполно се одалечиле. Немале заеднички теми за разговор. Интересирањата им беа различни. После една голема расправа престанале дури и да разговараат. Веројатно, од познати причини само за нив. Се труделе и на улица да не се сретнат. А кога веќе не можеле да избегнат среќавање, поминувале една покрај друга со крената глава. Достоинствено. Едната достоинствена во својата болка, другата во својата немаштија.

Годините поминувале. Децата им пораснале. Отишле далеку од родниот дом од родната земја. На секое од тие деца им било скратено дружењето со својата тетка. Скратена љубовта на тетката. Секое од тие деца ја носело својата болка. Сестрите на Задушница сосема случајно се сретнале на мајчиниот гроб. Едната од нив останала без сопругот. Починал изненадувачки и прерано. И другата останала без својот сопруг. Отишол со друга жена и со себе. Стоеле покрај мајчиниот гроб како двајца странци. Како да не се познаваат. Црната марама околу вратот им била единствена заедничка работа. Како и плацентата пред многу многу години.

Во еден момент, им се сретнал погледот. Се гледале немо. Во очи. Во тој поглед биле сочинети сите изминати години залудно загубени. Сета љубов никогаш неизречена. И болката длабоко скриена во срцето. Од очите на секоја од нив течат солзи. Срамежливо, внимателно. Солзи на јад и болка. Било тешко да се пушти таа прва солза, останатите се нижеле самите.

Од облаците се појавиле капки дожд. На небото виножито. Тоа биле мајчините солзи. Солзи проткаени со насмевка. И таа пронашла спокој.

Автор: Славица Бијелиќ

Извор



912

X