По пет години од абортусот поголемиот број жени сметаат дека донеле правилна одлука, иако тешко ја донеле, покажува помало американско истражување.
Научниците испитале 667 жени од 21 американска држава, една недела по абортусот и потоа на секои 6 месеци во наредните пет години. До крајот на петгодишниот период 84 отсто од жените имале позитивен или неутрален став кон својот избор.
– Не откривме докази за негативни емоции поврзани со абортусот по пет години. Всушност, од сите емоции што ги анализиравме, олеснувањето беше најчестата емоција што ја изразиле жените во сите фази на анкетата, дури и по пет години – вели Корин Рока, главен автор на истражувањето на Калифорнискиот универзитет во Сан Франциско.
Противниците на абортусот се спротивставија на легалниот пристап до оваа процедура делумно поради загриженоста дека абортусот им штети на жените, предизвикувајќи им негативни емоции и жалење, забележуваат истражувачите во „Соушл сајнс“ и „Медисин“. Оваа идеја придонесе за државните закони и судските одлуки со кои се ограничува абортусот, како и државните политики кои бараат жените што сакаат абортус да бидат предупредени дека тоа може да предизвика трајно оштетување на емоционалното и менталното здравје, забележува тимот.
На почетокот од истражувањето учесниците имале во просек 25 години и 62 отсто од нив веќе имале деца.
Речиси повеќе од половина одговориле дека одлуката за абортус била многу тешка или до некаде тешка. Веројатноста жените вака да се чувствуваат се зголемува доколку има високи нивоа на стигма околу нив.
Една недела по абортусите, 51 отсто од жените се чувствувале позитивно во врска со нивната одлука, додека 17 отсто се почувствувале негативно, а 12 отсто имале измешани емоции. Други 20 отсто изјавиле дека чувствуваат некакви емоции или никакви емоции поврзани со таа одлука. По пет години гневот бил единствената емоција што била почеста меѓу жените кои се соочиле со високи нивоа на стигма поврзана со абортусот.
Една недела по абортусот 98 отсто од жените изјавиле дека чувствуваат дека донеле правилна одлука, а 99 отсто од жените истото го рекле 5 години подоцна.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека грижата за емоционалното здравје на жените по абортусот не треба да се зема предвид во политиките за легалниот пристап за овие процедури.
– Абортусот не води кон каење, ниту кон негативни емоции. Негативните емоции и каењето не се појавуваат во поголем број од случаите ни по една година од абортусот. Иако одлуката била тешка, жените од нашата анкета во поголем број случаи изјавија дека донеле правилна одлука и непосредно по абортусот и по пет години од абортусот – заклучи Стејнберг.
Резултатите од истражувањето се објавени во магазинот „Соушл сајнс“ и „Медисин“.