Игротека

Жените имаат поголема потреба од сон поради покомплексната мозочна активност во текот на денот, вели науката

На една возрасна личност во просек ѝ се потребни најмалку седум часа сон навечер за да биде одморена и здрава. Но, истражувањата покажуваат дека на жените, сепак, им е потребно малку повеќе сон од мажите. Поточно, 20 минути повеќе.

Причината?

Според научниците од Универзитетот „Лафборо“ во Англија, тоа се должи на фактот што жените преку ден имаат покомплексна мозочна активност. Тие не само што постојано извршуваат повеќе задачи истовремено (т.н. мултитаскинг), туку истовремено се ангажирани во мултипланирање, мултирешавање проблеми, мултигрижа за сè во домот.

Жените често чувствуваат дека сè е на нивен грб, а тоа создава хроничен замор. И покрај ова, речиси половина од жените не спијат седум часа најчесто поради стрес, хормонски промени или грижа за децата во текот на ноќта.

Сите знаеме дека добриот сон е предуслов за здравје и дека континуираниот сон (без прекинување) е она што му е најпотребно на телото. А, исто така, сите знаеме и дека не е потребно да се нагласува кај кого сонoт почесто се прекинува.

Зошто жените имаат поголема потреба од сон од мажите?

Постојат и други научно потврдени причини. Жените имаат дури 40 отсто поголема веројатност да страдаат од несоница. Исто така, двапати е поголема веројатноста жената да добие дијагноза за анксиозност или депресија, две состојби кои се тесно поврзани со нарушувања на сонот.

Дополнително, синдромот на немирни нозе, кој го попречува спиењето, се јавува двојно почесто кај жените.

Циклусот на спиење и будење е под влијание на хормоните. Тие влијаат врз чувството на замор, а жените доживуваат хормонски промени не само месечно, туку и низ целиот живот, што го нарушува циркадниот ритам и ја зголемува потребата за сон.

Менструација: Една третина од жените имаат проблеми со грчеви, главоболки и подуеност во текот на циклусот. Преку ден често се чувствуваат изморени и поспани.

Бременост: Во бременоста може да се појави синдром на немирни нозе, кој го отежнува заспивањето. Воедно, постои зголемен ризик од депресија, запек, дијареја. Сите состојби кои го попречуваат квалитетниот сон. Ова често продолжува и по породувањето, а кога хормоните конечно ќе се стабилизираат, веќе тука е бебето за кое треба да се грижите, па мирниот сон може само да се сонува.

Истражувачите го споредувале времето што мажите и жените го трошат на платена и неплатена работа, на грижа за семејството и општествени одговорности. Заклучокот е дека е многу поверојатно жената да стане порано наутро за да се погрижи за домашните обврски.

Жените заспиваат побрзо, но не затоа што имаат полесен живот, туку затоа што се поуморни.

Најдобар индикатор дека сте спиеле доволно е тоа како се чувствувате наутро и дали сте одморени и свежи. Ако имате проблеми со спиењето, добро е да почнете со умерени физички вежби, да воспоставите рутина за легнување и будење, да го ограничите внесот на кофеин и алкохол. Добриот сон е важен. Можеби на краток рок тоа не се чувствува, но на долг рок, квалитетот на сонот има огромно влијание врз здравјето.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top