Во изминатите речиси 5 децении несебична жена од Ајова, САД, згрижила стотици деца и променила многу животи на подобро. Приказната за емпатија и посветеност на Линда Херинг е широко распространета на интернет, докажувајќи дека семејство значи многу повеќе отколку крвна поврзаност.

Годинава таа била почестена од страна на локалниот округ со резолуција за ценење и почит бидејќи згрижила повеќе од 600 деца во заедницата.

– Одделот за човечки служби може да ја повика Линда во кое било време од ноќта да земе дете, а таа ќе го стори тоа без никаков исклучок – стои во нивното соопштение.

Според резолуцијата, Херинг најчесто згрижувала дека со „специјални медицински потреби“ уште од 70-тите години. Нејзината гаража била полна со облека каде што чувала и други потребни предмети, наредени според големина и пол.

„Ако никој друг не може да ги сака и да се грижи за нив, јас ќе го сторам тоа“, ова било нејзиното мото.

– Мојата баба секогаш ги ставаше другите пред себе. Таа е мојот херој уште од моето детство и сум многу благодарна што таа ми е баба“, изјавила внуката на Херинг.

„Треба да си специјална личност за да ги отвориш срцето и домот за многу деца“, рекла внуката објаснувајќи дека нејзините баба и дедо го прифаќале секое дете, без разлика на колку долг период, а обожаваат да контактираат со своите поранешни згрижени деца и да гледаат нивни фотографии сега кога се тие веќе пораснати.

„Тоа за нив беше начин на живот, нешто што не го може секој, но нивната посветеност, особено кон децата со потреби, беше очигледна“, вели Амбер Херинг, внуката на Линда. „Едноставно им даваа љубов кога на децата им беше најпотребна“.

75-годишната жена во интервју за Си-ен-ен истакнала дека имало некоја сила што ја движела низ целиот тој процес.

– Плачев кога децата заминуваа од мојот дом, без разлика колку долго беа кај мене. Ми беше премногу тешко да им речам збогум. Секогаш се прашував: Зошто го правам ова? Бидејќи никогаш не е лесно да му се каже збогум на дете. Но, продолжив бидејќи имав толку многу љубов за давање кон овие деца – рекла Линда.

Освен што со сопругот Боб им пружиле безбеден дом на сите деца, тие креирале и иста таква желба кај своите деца. 4 од нивните биолошки деца исто така биле инспирирани да згрижуваат деца, како и 3 од нивните внуци.

фото: @JohnsonCountyIA / Twitter

Амбер Херинг е една од оние внуки што ги потенцираат своите баби и дедовци како причина за започнувањето семејство како самохран родител, одржувајќи ја нејзината лиценца за згрижување уште од 2008 година. „Досега згрижив 22 деца и посвоив 3 од нив. Како и моите баба и дедо, сакам да згрижам деца со медицински и посебни потреби кои е потешко да се сместат во дом“.

Јасно е дека Линда Херинг креирала силно чувство за семејство.

Тоња Стратон во својот статус на „Фејсбук“ објавила дека и нејзината мајка била згрижена од Херинг.

– Повеќето згрижени деца растат, се преселуваат и можно е за нив никогаш да не слушнете. Мојата мајка не е од тие деца. Таа засекогаш остана дел од семејството Херинг, како и татко ми, јас и моите браќа и сестри. Боб и Линда Херинг се дедо Боб и баба Линда. Тие секогаш се дел од мојот живот“.

 

Таа, исто така, го споделила фактот дека семејството Херинг жртвувало толку многу со тоа што го посветило животот во грижа за другите. „Години и години во пролеани солзи, дување носиња, менување пелени и грижење за деца кои не се нивни! Благодарноста што ја имам за ова семејство не можам да ја изразам со зборови. Ги сакам премногу“, напишала Стратон.

Сега, Херинг е на заслужена пауза, па Стратон напишала: „Сега е време за одмор, за потсетување на спомените, за релаксација и за сфаќање колку си вредна и дека можеш да правиш што ќе посакаш“. Според Амбер Херинг, семејството е благодарно што нејзината баба го примила тоа признание, кое воедно и го заслужува.

„Ако нејзината приказна може да го смени животот барем на едно дете, тоа ја прави премногу среќна мојата баба!“

Автор: Џејми Примо

Извор



912

X