Откако е отворена, во март 2016 година, во клиничката болница „Жан Митрев“ се направени 230.000 прегледи и 10.500 операции. Само во оваа 2019 година се направени над 70.000 прегледи и 3.100 операции, што е  досега најмногу во една година, информира академик д-р Жан Митрев, првиот човек на оваа клиничка болница, која идната година одбележува две децении постоење.

– Најнапред би сакал да им го честитам Божиќ на сите што го слават овој голем празник. Воедно, како што ја привршуваме годината, која беше исполнета со многу напори и посветена работа, би сакал да ги објавиме и нашите резултати. Тука би нагласил дека 100% од прегледите се приватни пациенти и 52% од операциите беа приватни пациенти од странство и од регионот, што е највисок процент досега. Воедно, оваа година започнавме со нова техника на оперирање, т.н. вештачки срца, од кои 6 LVAD (left ventricular assist device), 2 BVAD (biventricular assist device), 1 TAH (total artificial heart). Сите пациенти се со 100% преживување, без компликации или смртност – информира д-р Жан Митрев.

Тој појаснува дека во клиниката биле третирани најкомплексни аномалии кај новороденчиња, како switch процедура, комплексни операции, унификација на мапки со пулмонална атрезија, повеќе реоперации, дури и трети реоперации кај деца, оперирани во други институции.

– Оперирани се 178 пациенти со вродени срцеви аномалии, од кои 75 беа помали деца и бебиња, 25 деца се третираа со интервентни процедури и 50 деца беа хируршки оперирани. Притоа сакам да нагласам дека со овој тип на операции почнавме во септември 2019 год. и за 3 месеци извршивме 50 операции. Немаше неочекувана смртност и сите деца јас ги оперирав. Особено сакам да истакнам дека за квалитетот на една болница најбитни параметри се следните: интрахоспиталната смртност до 30 дена, постоперативните инфекции. За постоперативната смртност постигнавме да е на пониско ниво од американскиот Benchmark (репер) за операциите, кои ги работиме и уште повеќе во оваа година постигнавме инфекции на длабоки хируршки рани од 0%. Со ова можам да истакнам дека сме една од најдобрите болници во светот, па Македонија има со што да се гордее – заклучува Митрев.

Фото: „Жан Митрев“



912

X