Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека кај еден процент од кутиите во кои биле спакувани вакцините во вакцинални пунктови биле залепени погрешни декларации. Имено, на залепените декларации имало погрешен, стар рок на траење, додека на вакцините во кутиите си бил обележан уреден. Филипче и денеска уверуваше дека МРП-вакцините (за морбили, рубеола и паротитис) се исправни и квалитетни, а рокот е валиден.

Министерството за здравство, како што рече Филипче, ја разгледува можноста за одземање на дозволата за увоз на лекови на „Македонија лек“, за раскинување на веќе потпишаните договори со оваа фирма, или пак можноста да ѝ се изрече забрана за увоз доколку се утврди дека направената грешка можела да се превенира.
– Случајот сѐ уште се испитува. Ги разгледуваме сите можности што се законски предвидени во вакви случаи. Тоа значи дека се разгледува можноста за одземање на дозволата, вклучително и раскинување на веќе потпишаните договори. Ако утврдиме дека пропустот можел да се превенира, ќе го санкционираме. Контролите се во тек и побарав лично да ме информираат за сите контроли. Во ек на епидемија сакам да верувам дека се работи за техничка грешка – рече Филипче и додаде дека Министерството работи на враќањето на довербата кај пациентите во здравствениот систем.

Фото: Министерство за здравство

Инаку, денес лабораториски е потврдено за два нови случаја со мали сипаници. Станува збор за 18-месечно дете од Општина Чаир и за четиригодишно дете од Општина Аеродром, кои биле невакцинирани. Тие се пренесени на Клиниката за инфективни болести во Скопје.

Со овие два случаи вкупниот број на заболени со морбили изнесува 19. Од заболените, 11 биле пренесени на Клиниката за инфективни болести, од кои четири се пуштени на домашно лекување. Филипче потенцира дека за едно лице на возраст од 30 години кое е вакцинирано со една доза вакцина и за уште едно лице на возраст од 28 години кое има непознат вакцинален статус се чека потврда од крвните анализи.
– Досега се вакцинирани 1.300 деца – рече Филипче и упати апел до родителите да ги вакцинираат децата за да се спречи епидемијата на морбили.



912

X