Експерти од САД и од Европа предупредуваат на опасноста од синтетичките хемикалии и микропластиката, кои се поврзани со нагло зголемување на рак кај децата и случаи на аутизам.
Предупредувањето доаѓа од група научници и лекари од 17 истакнати институции кои повикаа на построги закони на глобално ниво за регулирање на повеќе од 350.000 синтетички хемикалии кои се наоѓаат во секојдневните производи како облека, козметика и пакувања на храна.
Од 1950 година производството на синтетички хемикалии е зголемено за дури 50 пати, а до 2050 година се очекува да се зголеми за трипати повеќе. Истовремено, стапката на рак кај децата е зголемена за 35 отсто во последните 50 години, додека стапката на рак кај постарите лица се намалува. Исто така, бројот на дијагнози на аутизам е тројно зголемен во изминатата деценија.
Експертите истакнуваат дека токсичните хемикалии, како што се BPA и PFAS (т.н. „засекогаш хемикалии“), го загрозуваат здравјето на децата предизвикувајќи нарушувања како астма, дебелина и репродуктивни проблеми. Овие хемикалии се пронајдени во речиси сите човечки органи, вклучувајќи го и мозокот, каде што предизвикуваат воспаление и хормонална нерамнотежа.

Хемикалиите им се закануваат на идните генерации
PFAS се микроскопски супстанции кои се користат за правење водоотпорни и нелепливи облоги, како на тави и облека. Научниците докажаа дека овие хемикалии ја пробиваат и плацентата за време на бременоста и влегуваат во мајчиното млеко, што дополнително ги изложува децата на опасност. Истражувањата покажаа дека изложеноста на мајката на арсен го зголемува ризикот од детски карциноми за 38 отсто, додека изложеноста на PFAS за време на бременоста го зголемува ризикот од леукемија.
За разлика од САД, Европа има построги закони за хемикалии како фталати кои се користат во козметиката и пакувањето на храната. Додека девет фталати сè уште се дозволени во козметиката во САД, во Европа тоа е ограничено на еден. Исто така, Европа го регулира нивото на олово во храната за бебиња, додека Управата за храна и лекови на САД нема обврзувачки ограничувања за тешките метали.
– Загадувањето од синтетички хемикалии и пластика е еден од најголемите глобални предизвици на нашето време. Континуираното неконтролирано производство ги загрозува нашите деца и идните генерации – вели д-р Филип Ландриган, епидемиолог и главен автор на истражувањето.
Родителите можат да ја намалат изложеноста на децата на овие хемикалии со избирање производи без нелепливи облоги, избегнување пластична амбалажа и внимателно избирање козметика и храна. Експертите ја нагласуваат важноста од подигнување на свеста и притисок врз производителите да создадат побезбедна средина за идните генерации.
912