Голем број прашања упатени кон педијатарот се поврзани за зголемени лимфни јазли (жлезди) на вратот, баш како и стравот, па решивме да ви ја приближиме оваа актуелна тема.

– Лимфни жлезди или јазли, што е правилно?

Се работи за лимфно ткиво кое е групирано во јазли, па лимфен јазол е првилниот назив. Не се жлезди бидејќи не лачат хормони, како ни други „продукти“ на жлездите. Се разбира, тоа не е од пресудно значење, а терминот „лимфна жлезда“ е прифатен, па не ни пречи.

– За што служат лимфните јазли?

Тоа се вистински фабрики за клетки (војници) и хемиски супстанции (оружја) кои заедно учествуваат во одбранбена (имунолошка) реакција на организмот. Затоа е јасно дека нивната улога во заштита на детското тело од инфекции е многу важна. Кога не би ги имало, одбраната на организмот од несакани „микронапаѓачи“ би била далеку потешка, всушност, невозможна!

Секоја група на лимфни јазли има „задолжение“ да собира лимфа (течност која се „цеди“ од ткивото) од одреден дел на телото. Лимфните жлезди на вратот „го покриваат“ горниот дел од желудникот, хранопроводот, грлото, носот и меките ткива и кожата на лицето.

– Зашто некогаш може да се напипаат, па да се повлечат?

Затоа што лимфните јазли отекуваат кога детето има некоја инфекција (најчесто на грлото), а кога таа поминува, доаѓа до намалување на вратните јазли. Голем број вирусни инфекции на грлото кај децата поминуваат без покачена температура и без поголеми тегоби, така што единствена манифестација на болеста може да бидат лесно зголемени лимфни јазли.

– Дали секогаш се знак за болест?

НЕ СЕ!

Кај децата вратот е местото каде што се наоѓаат лимфните јазли. Тие често може да се напипаат, а некогаш се „појавуваат“, па по неколку дена се повлекуваат. Некои од нив може да се видат, а некои се длабоко под кожата, па не се гледаат (но, може да се почувствуваат на допир).

Вообичаено е тие „нормални“ лимфни жлезди на вратот да се безболни, меки, да „бегаат“ под прсти, па детето да не се буни кога му ги прегледуваат. Тие се мали – до 1 сантиметар во пречник, а кожата над нив има нормална боја (нема црвенило). Кога лимфните јазли се поголеми од 1 сантиметар, треба да се сметаат за зголемени, што се разбира не значи дека детето е сериозно болно.

– Што е лимфатична конституција?

Има сосема здрави деца чии лимфни жлезди се нормално зголемени, па тоа се нарекува лимфатична конституција – па не е болест, туку „телесна“ карактеристика на детето. Обично еден од родителите (некогаш и двајцата) ја има оваа конституција, па се сеќава дека и тој „како мал“ го имал тој епитет.

– Кои болести се јавуваат со зголемување на лимфните јазли на вратот?

Убедливо најчеста причина за тоа се вирусните инфекции на горните дишни патишта. Кај огромен број деца се работи за сосема безопасни вируси што брзо доаѓаат и уште побрзо си заминуваат и на децата не им прават проблеми. Тогаш лимфните јазли се лесно зголемени, се движат, меки се и безболни и нема црвенило на кожата над нив.

Бактериските инфекции, исто така, може да бидат причина за зголемување на лимфните јазли на вратот кај децата. Стрептококите се убедливо први на листата и тие лесно од грлото (и крајникот) по пат на лимфни садови се населуваат во лимфните јазли на вратот. И други бактерии може да бидат причина за оток на лимфните јазли на вратот, но се значително поретки од стрептокока. Брисот од грло е едноставен начин за да се провери ова.

Постојат болести при кои имунолошкиот систем „ги гледа“ како неповикани гости одредени делови од телото, па ги напаѓа мислејќи дека ни помага, а всушност ги уништува „домашните“ делови на организмот. Тоа се автоимуни заболувања, кои исто така може да бидат причина за зголемување на лимфните јазли на вратот. Тие се далеку поретки од инфекциите и доаѓаат со мноштво други тегоби, па тогаш детето мора брзо да оди на педијатар.

Понекогаш лимфните јазли може да се зголемат по вакцинација, особено по вакцината против мали сипаници, рубеола и заушки. Се работи за минлив проблем кој обично се јавува од 7 до 14 дена по вакцинацијата.

Што е со инфективната мононуклеоза?

Ова е исто така вирусна болест која доаѓа со многу големи лимфни јазли на вратот. Обично се гледаат „пакети“ на страничните делови од вратот, а огромен број од децата имаат висока температура, болки во грлото и се чувствуваат лошо. Треба да се знае дека кај помал број деца оваа болест има полесна клиничка слика. Дијагнозата кај типичните случаи лесно се поставува – преглед на детето и едноставни лабораториски анализи, а повеќето деца со одморање и лесна храна ја поминуваат оваа болест за две недели. Само помал број пациенти добиваат некои компликации, па нема место за преголем страв.

Кога зголемените лимфни јазли се показател дека е потребен преглед на педијатар

На педијатар не треба да се јавувате ако видите мали (не поголеми од 1 сантиметар) лимфни јазли кои не болат, се движат и не растат. Помошта на педијатарот е неопходна во следни ситуации:

– Ако се согледаат големи лимфни јазли кои „одеднаш“ пораснале (претходниот ден ги немало);
– Ако се болни, без разлика на големината;
– Кога се прекриени со црвена кожа, или се тврди, болни и не се движат под прстите;
– Ако детето со зголемени лимфни јазли се жали на силна болка во грлото;
– Кога детето има висока температура и зголемени лимфни јазли;
– Кога детето е со изразено лоша општа состојба – премаленост, безволност, слаб апетит;
– Особено е важно што побрзо да се однесе на преглед ако се забележат модринки по кожата, а детето не се удрило никаде.

Дали навистина може да бидат знак за опасно заболување?

Најретка причина за зголемување на лимфните јазли на вратот кај децата се малигните болести. Тие се, за среќа, многу ретки, но предизвикуваат најголем страв кај родителите. Леукемијата и лимфомите се најчести малигни заболувања чии симптоми се оток на лимфните јазли. Тогаш децата имаат и други тегоби, кои брзо ги одведуваат на преглед кај педијатар.

Дали секогаш треба да се направи крвна слика – за секој случај​?

Се разбира дека не!

Лекарот одлучува дали треба да се направи крвна слика! Тоа е одлична помош во поставувањето дијагноза за болеста што предизвикува зголемување на лимфните јазли на вратот, но тоа е потребно само тогаш кога лекарот ќе процени дека му треба. Врз основа на бројот на леукоцити и леукоцитни формули лекарот може да види што да се прави понатаму.

Консултирајте се со вашиот педијатар – немојте сами да си „припишувате“ вадење крв!

Како се третираат зголемените лимфни јазли на вратот

На огромен дел од децата не им е потребна терапија бидејќи се работи за безопасно и минливо зголемување на лимфните жлезди. Доколку е потребна терапија, тогаш се лекува причината за зголемување на лимфните јазли, што е исклучиво во надлежност на лекарот. Никогаш немојте самите да давате антибиотици „за секој случај“, тоа е погрешно!

На крајот, веруваме дека е јасно оти се извонредно ретки опасните болести што предизвикуваат зголемување на вратните лимфни јазли, па паничниот страв од нивно зголемување е навистина без основа.

Кај голем број деца се работи или за лимфатична конституција или за минлив „оток“ на лимфните јазли поради некоја обична инфекција.

Автор: д-р Горан Вукомановиќ

Извор



912

X