Во различни земји има различни правила околу тоа колку долго смее мајката на биде на породилна отсуство, како и колку ќе биде платена и во кои случаи може да ја замени таткото. Со сите тие предизвици што ги носи бременоста и периодот по породувањето, многу мајки ќе се согласат дека тоа време не би го менувале за ништо. Дури и финансиската ситуација во семејството да им дозволува дел од породилното да користи и таткото, многумина не би се одрекле за ништо на светот од тој прекрасен период со бебето.

Породилното отсуство е право кое го имаат мајките (но и татковците) по раѓањето на детето, но во секоја земја е различно временски ограничено и законски регулирано. На него имаат право и посвојувачи по посвојување дете, но ниту тоа право во секоја земја не е еднакво. За жал, некои земји не само што не им нудат можност на мајките да останат дома со своите бебиња, туку ако се вработени, им следуваат и откази. Следуваат 9 земји во кои родителите имаат различни придобивки.

Шведска (68 недели)

Шведска е една од најдобрите земји за основање семејство. Трудницата може да земе неодредено отсуство и да прима 77 проценти од својата месечна плата или да побара финансиски надомест за бременоста ако работата ѝ е премногу напорна. Секој родител добива и 240 дена родителски надомест со 77 проценти од своите приходи. Вкупно 480 дена се делат според желбата на родителот. Но, секој родител би требало да земе најмалку 90 дена отсуство. За секое следно дете родителите добиваат 180 дена повеќе родителски надомест. Мајките може да побараат и родителски надомест 60 дена пред очекуваниот датум за породување.

Бугарија (58 недели)

Според „Англо инфо“, новите мајки во Бугарија имаат право на 58 недели породилно отсуство во кое примаат 90 отсто од бруто-платата. Мајката отвора породилно отсуство 45 дена пред предвидениот термин за породување, а остатокот по породувањето. Тој износ го плаќа Националниот фонд за здравствено осигурување. Меѓутоа, за да го оствари тоа право, мајката треба да работи најмалку 12 месеци пред да почне да го користи отсуството. По завршувањето на породилното, мајката може да земе родителско отсуство примајќи 30 отсто од бруто-платата уште 51 недела.

Норвешка (56 недели)

Според „Лив нетворк“, норвешките мајки имаат право на 46 недели родителско отсуство целосно платено или 56 недели со 80 отсто плата. Ако мајката роди повеќе од едно дете, отсуството се зголемува за 5 недели целосно платено или 7 недели со 80 отсто од платата за секое родено или посвоено дете. Невработените жени исто така добиваат еднократна исплата по раѓањето или посвојувањето.

Хрватска

Во Хрватска породилното отсуство се дели на 2 дела, породилно и родителско. Породилното започнува од 28., односно најрано од 45. ден пред очекуваното породување, па трае до навршени 6 месеци од животот на детето, од што задолжителен дел на родителското отсуство опфаќа период од 28 дена пред денот на очекуваното породување до 70 дена по раѓањето на детето. Во тој период трудниците/мајките имаат право на надомест од 100 отсто од платата, со услов пред почетокот на отсуството да биле вработени 9 месеци без престан, односно 12 месеци со прекини во последните 2 години. Доколку наведениот услов не е исполнет, корисникот и понатаму има право на родителско отсуство, но надоместот на платата изнесува 70 отсто. По 70. ден од раѓањето на детето, мајката може користењето на преостанатиот дел од родителското отсуство целосно или делумно да му го пренесе на таткото на детето. Исто така, родителското отсуство за предвремено раѓање дете може да се продолжи за онолку денови колку што детето е порано родено. Дополнителна специфичност се наоѓа и во околностите дека родителското отсуство, по завршувањето на задолжителниот дел, може да се користи и како право на работа со половина работно време.

Родителското отсуство започнува по завршени 6 месеци од животот на детето, а може да се користи и до 8. година од животот на детето. Правото на родителско отсуство е лично право на двајцата вработени или самовработени родители, кои го користат во траење од 8 (за прво, второ родено дете), односно 30 месеци (за родени близнаци, трето и секое следно дете). Надоместот во текот на родителското отсуство се исплаќа во полн износ од основицата за надомест на плата, но не може за полно работно време да изнесува повеќе од 170 отсто од пресметаната основица месечно. Притоа може да изнесува помалку ако 100 отсто од основицата за надомест на платата изнесува помалку од тој износ, со тоа што не може никако да изнесува помалку од 70 отсто од пресметаната основица. Во преостанатиот дел од родителското отсуство надоместот на платата изнесува 70 отсто од пресметаната основица.

Естонија (20 недели)

Мајките во Естонија добиваат 140 дена (70 дена пред породување и 70 дена потоа) целосно платено отсуство, наведува „Europa.eu“. По 140 дена, мајката добива дополнителни 435 дена родителско отсуство, кое може да го поделат мајката и таткото. Родителскиот надомест се доделува врз основа на годишниот приход на мајката во годината која ѝ претходела на бременоста.

Данска (52 недели)

Новите мајки во Данска добиваат 4 недели во текот на бременоста, непосредно пред раѓањето на детето, и 14 недели породилно отсуство по раѓањето. Секоја недела е целосно платена. По родителското отсуство, двајцата родители добиваат заедничко делумно платено отсуство во траење од 32 недели. Секој родител може да го продолжи ова отсуство за 8 или 14 недели. Во овој случај, надоместот од 32 недели е распореден на продолжен период на отсуство.

Исланд (42 недели)

Мајките на Исланд добиваат 3 месеци платено породилно отсуство и уште 3 месеци платено родителско отсуство, наведува „Лив нетворк“. За двете отсуства мајката добива 80 отсто од платата. Таткото исто така добива 3-месечно отсуство со примања во висина од 80 отсто од платата. Самохраните мајки се платени сите 9 месеци од отсуството во износ од 80 отсто од платата. Во случај на компликации при породувањето или повеќе породувања, родителите добиваат дополнително 3-месечно отсуство кое може да го делат, со надомест од 80 отсто од приходите. Родителите, исто така, имаат право на продолжено неплатено родителско отсуство од 13 недели.

Русија (20 недели)

„Англо инфо“ наведува дека мајките во Русија добиваат 140 дена (70 пред и 70 по породување) целосно платено породилно отсуство. Во случај на повеќе породувања или компликации при породувањето, отсуството може да се продолжи на 194 дена, целосно платено. Мајките може да бараат и надомест за мајчинство во износ од 40 отсто од својата плата до 18 месеци по породувањето. Новите мајки може да го продолжат породилното отсуство до 3 години без губење на работната позиција.

Португалија (120 дена целосно платено)

Вработените мајки во Португалија добиваат 120 дена целосно платено породилно отсуство, наведува „Експатика“. За секое ново родено дете мајката добива дополнителни 30 дена. Мајките може да изберат и родителско отсуство и тоа на 180 дена за кое ќе бидат платени 80 отсто од своите примања. Трудниците исто така имаат право на пренатален семеен додаток кој се исплаќа на неделно ниво во текот на 6 месеци пред породувањето.

Автор: Карен Самуелс

Извор



912

X