Сите знаеме дека детската дебелина е во загрижувачки пораст, но како да се справиме со неа е прашањето што поттикнува голема дискусија.
Дали треба да ги тераме децата да вежбаат секој ден или треба да ги оставиме на мир и да се надеваме дека ќе ги засакаат вежбањето и здравата храна?
Научниците од Универзитетите во Единбург и Данди инсистираат дека децата не вежбаат доволно за да се справат со дебелината. Според новите истражувања, децата треба да бидат охрабрени да прават вежби како клекнувања, склекови и сл.

Вежби за мускулите да станат посилни

Научниците ги испитале наодите од 18 истражувања од 8 земји што ги проучувале ефектите од вежбањето со тежина кај децата од 8 до 16 години. Тие откриле дека вежбите им помогнале за намалување на телесните масти, но немало вистински ефект врз мускулната маса, индексот на телесната маса или обемот на половината.
Наместо да трчаат, истражувачите предлагаат вежби што предизвикуваат мускулите да станат посилни – тоа го намалува процентот на телесни масти кај децата.

Хелен Колинс, докторанд на Универзитетот во Единбург, изјави дека резултатите покажале дека вежбањето за отпорност имало позитивни ефекти кои ја одржуваат здравата тежина и ги намалуваат телесните масти кај младите луѓе.
– Нашите наоди ја нагласуваат потребата за поцврсто истражување за улогата што ја има вежбањето во помагањето на луѓето да донесат здрав избор и да бидат физички активни.

Децата да имаат активност во која ќе уживаат

Но, каде е линијата да не се стават децата под притисок да вежбаат? Експертите велат дека е најважно децата да уживаат да бидат активни, без разлика дали тоа е фудбал со другарите, гимнастика или балет.
– Важно е да учествуваат во здрава активност во која уживаат. Ако уживаат и се забавуваат, тогаш никогаш нема да се чувствуваат како да вежбаат – велат експертите.
Ако вашите деца немаат многу физички активности, тогаш потребно е да имате предвид неколку работи пред да почнат да ја посетуваат фитнес-салата.
– Треба да знаете дека кревањето тежина кај децата под 14 години може да предизвика сериозни оштетувања на коските. Ваквите вежби треба да бидат надгледувани од експерти. Второ, тие треба да бидат дел од забавна активност наместо строг режим на вежби – велат експертите.
Експертите посочуваат дека децата не треба да се испратат во фитнес-сала пред нивната 16. година. Дури и тогаш детето треба да вежба со лесна тежина.



912

X