На детето му е најважна љубовта на родителот
Ставот на многу родители е дека децата треба да ги надминат, а што тоа точно значи, зависи од индивидуалните толкувања и амбиции. Секоја генерација во некоја смисла е понапредна и посупериорна од претходната, па со самото тоа и потребата за „надминување“ на родителите не претставува ништо недостижно. На пример, бабите и дедовците на сегашната генерација деца речиси не знаат да ракуваат со компјутери, нивните родители ја совладале употребата дури во адолесценција, додека сегашните деца основните функции ги имаат совладано од својата втора година.
Што е успех?
И поранешните генерации родители имале желба нивните деца да бидат успешни, исполнети и среќни. Ги поттикнувале, им помагале, како што можеле и кога можеле, им дале толку колку што имале. Каква и да била општествената положба на семејството, било невозможно да се пронајде исполнетост и среќа. Во секоја генерација имало такви што напредувале помалку и такви што напредувале повеќе, што повеќе и помалку се труделе, оние на кои животните околности им биле повеќе и оние на кои им биле помалку наклонети. Различни фактори влијаеле врз исполнетоста, среќата и успехот. Денес, исто така, различни фактори влијаат врз личниот развој на секој поединец. Она што ја прави разликата е доминацијата на успехот наспроти сега веќе инфериорните чувства на исполнетост и среќа. Успехот е она кон кое се стремиме без разлика на средствата преку кои до него ќе дојдеме. Важно е да се истакнат работите што може да се измерат и да се покажат, а што е во душата на поединецот, тоа е веќе „надмината“ работа. Тоа секако не се гледа, бидејќи успехот е она што е видливо.
Тајните состојки за воспитување деца
Негативни последици од најдобрите намери на родителите
Сакам да им порачам на родителите малку да застанат и да размислат дали со изложувањето на своите деца на притисок заради успех навистина ја добиваат нивната лична или семејна среќа. Не се доведуваат во прашање најдобрите намери на родителите кога им посакуваат успех на своите деца, но потребно е секој да се запраша дали се обидува своите неостварени амбиции да ги задоволи преку успехот на детето или можеби е доминантен мотивот да докаже дека неговото дете е подобро од нивното. Голем број родители поаѓаат од ставот „подобро да го вклучам во некоја активност отколку да седи по цел ден пред екран“. Доколку веќе се одлучувате своето дете да го вклучите во некоја од активностите, препорачувам претходно да го набљудувате детето објективно, со отворен ум, за да видите што е за него најдобро, кон која активност покажува интерес, за што покажува талент, да размислите која е целта на активноста во која го вклучувате детето. Не заборавајте дека кај детето се создава фрустрација и незадоволство доколку не може да ги задоволи очекувањата, а од друга страна, ако пред детето се постави многу едноставна задача, тоа ја губи мотивацијата.
Како настануваат здрави возрасни личности?
Децата не го доживуваат и не го разбираат успехот како возрасните. Ним им е поважно да имаат родителска љубов. Набљудувајќи ги реакциите на родителите и разбирајќи дека за нив неговиот успех е многу важен, детето тоа го прифаќа како императив – „за мама и тато да ме сакаат, јас морам да успеам“.
Уживајте во растењето на своите деца, слушајте ги нивните потреби и желби, бидете им ветар во грбот. Не заборавајте дека секој има само една шанса да биде дете и дека здравото и исполнето детство е основа и темел во изградбата на здрави возрасни лица. Така ќе дојде и до резултати, но не како цел сама по себе, туку како последица од внатрешното задоволство.
Автор: Маја Антониќ