− Здраво, јас сум Маја.
− Здраво, Маја. Јас сум именка.
− Мило ми е, именка. Имаш необично име. Што означува тоа?
− И мене ми е мило, Маја. Ха, моето име… Не си чула досега за него? Всушност, јас сум сите имиња околу тебе.
− Уау! Ти не си една?! Сакаш да ми кажеш дека си и… ммм… оној автомобил онде, и мачето на гранката… гранката? Чекај, чекај… ти си и сонцето?
− Токму така, драга Маја. И не само тоа. На пример, во твоето име се состојам двапати. Ајде, само помисли малку…
− Хм… Ме збунуваш, именка. Но, истовремено и ми е забавно со тебе…
Ми текна! Моето име е Маја, значи во него те има и тебе. А за второто… Само да помисламмм…
М-а-ј… Мај! Најпролетниот месец мај си исто така ти, именка, нели?
− Ми се допаѓа како размислуваш, мило девојче. Но, има уште неколку нешта што треба да ги знаеш за мене.
− А кои се тие, именка? Ќе сакаш ли да ми ги кажеш?
− Се разбира дека сакам. Но, помислив дека можеби најубаво ќе ти се претставам низ игра. Сакаш да си играме? Ќе ти изрецитирам една песничка.
− Јупиии, колку си прекрасна, именка. Одвај чекам да ја слушнам песничката.

− Еве вака:
„Именка се ИГРАЧКИТЕ твои,
ВОЈНИКОТ што на ПОЛИЦА стои.
Именка е КУКЛАТА што се смешка,
Именка е и МАЈМУНОТ што се чешка.
Именки се сите ОБЛЕКИ твои,
ЧЕВЛИТЕ, ЧОРАПИТЕ И КАПИТЕ,
РАНЧИЊАТА, ПАТИКИТЕ и ЈАКНИТЕ.
И сè друго што добро ти стои.“
Дали можеш да забележиш нешто? Некакви разлики?
− Па, мислам дека забележувам дека можеш да бидеш и женско и машко. Дека се појавуваш како едно и како повеќе нешта.
− Токму така, мило дете. Добро забележуваш. А, ако сакаш да научиш нешто повеќе за мене и сето тоа полесно да го разбереш, прочитај ја книгата „Игра со именки“. Прво ќе ти се претставам низ мнооогу песнички и шарени цртежи, а на крајот малку ќе ти бидам учителка, за да видам дали добро си ги запомнила сите нешта поврзани со мене. Договорено?
− Да, да, да! Ти си прекрасна, именка. Ти благодарам што си толку добра другарка.

„Игра со именки“ од авторката Оливија Георгиевска е прекрасно книже за скратување на маките на родителите како поедноставно да им ги објаснат граматичките основи на своите ученичиња-почетници. Од друга страна, пак, учениците-почетници имаат можност низ креативни игри, на многу поедноставен начин да научат теми за кои природно би им се јавил отпор доколку ги учат на традиционален, лекциски начин. Дополнително, придобивката од учење низ игра и песна е трајното знаење, што веројатно генерациски (ќе) се наследува како неизбришливо сеќавање од детството.



912

X