Издвојувам неколку препораки за брзи, едноставни и вкусни напивки кои може да се користат во разни пригоди и за различни намени
Во изобилството од газирани, засладени и индустриски обработени овошни сокови, честопати се сретнуваме со проблемот: што треба да пие моето дете и како да го одвикнам од сите тие напивки?
Затоа издвојувам неколку препораки за брзи, едноставни и вкусни напивки кои може да се користат во разни пригоди и за различни намени.
Секако, уште од старт да споменам дека најздравиот пијалак е обична, негазирана вода, која треба да биде 80% од вкупниот дневен внес на течности.
Веднаш зад неа е незасладен чај од билки.
Додека си играат, децата обично забораваат да пијат вода, но исто така безвкусната вода не ги привлекува, па од голема важност е неколку пати во текот на денот да му понудите на вашето дете чаша вода.
Колку течности му се потребни на детскиот организам дневно?
Децата треба да внесуваат 5-6 чаши вода, односно 1-1,5 литар во текот на денот. Доколку детето има зголемени физички активности, кои придонесуваат за дополнително потење и излачување на течности, количината треба да се зголеми.
Предлог идеи за здрави напивки:
– За јакнење на имунитетот: топла лимонада со мед и алое вера-гел
Заштитната функција на лимонот е добро позната. Лимоновиот сок содржи високи количини на калиум, калциум и витамин Ц, со што го зајакнува имунитетот и го алкализира телото, а ги врзува и слободните радикали кои ги оштетуваат клетките. Заедно со регенерирачката моќ на алое вера, гелот штити од инфекции и настинки.
– За подобра концентрација: ладен чај од нане (мента), засладен со мед
Мирисот на нане значително го зголемува нивото на кислород во крвта, а го покачува и крвниот притисок. Овие два механизми придонесуваат за подобра циркулација во мозокот, како и одлична снабденост на мозокот со кислород. Колку повеќе кислород во мозокот, толку подобра фокусираност и концентрација.
Кога бананата повеќе не е слатка. Го изгубија ли децата чувството за вкусот?
– За енергија: овошен чај, засладен со маџун
Гроздовиот слад – маџун претставува природен засладувач кој се произведува од гроздов сок и е одлична замена за сахарозата (белиот шеќер). Во минатото нашите баби и дедовци немале шеќер во изобилство како денес, бидејќи бил прилично скап, па слатките и колачите ги подготвувале со маџун. Тој е природен антиоксиданс, содржи гроздов шеќер (гликоза и фруктоза), богат е со хидросолубилни витамини (В1, В2, Б6 и C), минерали (K, Na, Ca, P, Fe), танински материи, флавоноиди и органски киселини.
Растворен во вода или во чај претставува одличен енергетски пијалак.
– Рехидрација: сок од лубеница и кора од лубеница
Лубеницата е нискокалорична, содржи само 30 калории во 100 грама, но има голема хидрирачка моќ бидејќи нејзиниот состав е 90% вода. Исто така, богата е со витамин А и витамин Ц, кои позитивно влијаат врз нашето здравје. Кората од лубеницата содржи витамини од групата Б и Ц, како и изобилство на диетални влакна, а е одличен извор и на калиум, кој придонесува за здрав кардиоваскуларен систем.
Покрај овие нутритиенти, во кората од лубеницата се наоѓа високо ниво на цитрулин. Тоа е неесенцијална аминокиселина која ја поддржува содржината на аргинин во телото. Оваа аминокиселина е ефикасен вазодилататор (ги проширува крвните садови) со што овозможува одлична циркулација на крвта низ телото.
– Напивка како калорична ужина: милкшејк
Сè што ви треба за оваа течна ужина се банана, млеко и малку лешници. Добро изблендирајте ги и добивате сладок и густ милкшејк, со вкус на лешник. Идеален е за ужини помеѓу оброците или пред спортските активности на вашето дете.
На овој начин детето внесува течност, богата со калиум од бананата, калциум од млекото и незаситени масни киселини од лешниците. Ниедно дете не одбива напивка од овој вид!
912