Првите утрински оброци – појадокот и ужината се особено важни и не треба да се занемарат бидејќи ја даваат енергијата што е клучна за добро функционирање во текот на денот. За овие први утрински оброци обично се препорачуваат млеко, житарици или леб, сирење, млечни намази и рибини намази, месни производи погодни за деца и замени за месо, јајца и овошје, вели клиничкиот нутриционист Дарија Вранешиќ Бендер.

Појадокот е многу важен оброк – може да ви го разубави денот или да ви го наруши. На телото му обезбедува 40 проценти од дневните потреби за енергија. Децата што не појадуваат често имаат пониска концентрација и се попоспани од нивните врсници. На пример, појадокот со цели зрна не дебелее, туку на телото му ја дава потребната енергија. Исто така, изматените јајца се добар појадок бидејќи им даваат доволно енергија на децата за да издржат до ручек.

Исхраната во детството има долгорочно влијание врз навиките за исхрана на возрасните, а многу студии покажале дека некои намирници помагаат за подобрување на меморијата и концентрацијата. Некои намирници се похранливи од другите, па помагаат во развојот на мозочните клетки и ја подобруваат меморијата и концентрацијата.

Здрав појадок за деца:

Важно е разновидно мени

Понекогаш малите деца имаат силна желба за еден вид храна. Иако ова е честа појава, треба да им се нуди разновидна храна бидејќи доколку подолго време јадат само еден вид храна, истражувањата покажале дека може да дојде до недостиг на хранливи материи.

5 хранливи материи најважни за здравјето на вашето дете

Кога не сака да јаде млеко или месо, може да има недостиг на калциум, фосфор, витамин А и железо. Децата што не јадат (или јадат мали количини) месо и зеленчук може да имаат недостиг на цинк.

Рецепти:

Сендвич со туна

Состојки: пченкарен леб, конзервирана туна, варено јајце, зелена салата, 1/2 домат, лажичка путер. Намачкајте го лебот со путер, па наредете ги наведените состојки во сендвич.

Овесна каша со јогурт

Состојки: 1/2 шолја овесна каша, чаша јогурт, 1/3 шолја бадеми, лажица сушено овошје по желба. Прелијте го јогуртот врз овесната каша и добро измешајте. Додајте сечкани ореви и суво овошје, измешајте сè и послужете.

Овесни снегулки

Состојки: Чаша топло млеко, 1/2 шолја овесна каша, банана, лажица мед, суво овошје, јаткасти плодови. Во топло млеко ставете ја овесната каша да омекне, па измешајте ја со бананата и медот. Подготвената каша послужете ја со суво овошје и јаткасти плодови и посипете со какао во прав.

Вкусен сендвич

Состојки: печиво од семки од тиква, лажица намаз со сирење, исечкана пилешка шунка, зелена салата, чери-домат. Печивото пресечете го на половина и едната половина премачкајте ја со намаз од сирење. Врз подготвеното печиво ставете пилешка шунка, зелена салата и чери-домати. Сендвичот послужете го со една чаша свежо направена лимонада.

Волшебен пијалак од банана и мед

Состојки (за 2 лица): 1 банана, 2/3 шолја јогурт, ½ шолја млеко, 1 лажичка мед, 1 лажичка какао. Исечете ја бананата и ставете ја во миксер со јогурт, мед и млеко додека не добиете мазна смеса. Истурете во чаши и посипете со какао.

Овошна салата

Состојки (за 2 лица): 1 портокал, 1 јаболко, 1 ананас, 2 лажички мед. Исечете го овошјето на парчиња и ставете го на стапчиња. На секое стапче ставете малку мед.

Матени јајца со сирење

Состојки: 3 лажици крем-сирење, 2 лажици сечкани свежи билки (мајчина душица, кромид, млад лук, босилек), сол, свежо мелен бибер, 1 лажица путер, 4 јајца, 4 парчиња тост. Во сад измешајте крем-сирење, свежи билки, сол и бибер и добро изматете ги со виљушка. Оставете ги настрана. Пропржете го тостот. Растопете го путерот во тавче на пониска температура. Додајте ги изматените јајца и оставете да отстои околу 30 секунди. Со помош на шпатула, свиткајте ги јајцата и ставете ги повторно да се заруменат. Постапката повторете ја. Кога е готово, додајте го крем-сирењето, избројте до 10, па промешајте. Послужете ги јајцата на тост со малку сечкан млад кромид и сол и бибер.

Чиа-пудинг со банана

Состојки: 4 лажици чиа-семе, 250 мл млеко, 250 мл вода, 1 лажица мед, 1 лажичка цимет, 2 банани. Бананите се пасираат со виљушка, но грубо. Во сад ставете ги сите состојки и убаво измешајте. Наредете ја смесата во две шолји и оставете ја во фрижидер барем еден час за чиа семето да набабри. Во пудингот по желба можете да додадете рендано темно чоколадо или бисквити.

Витаминска бомба: Смути од морков и портокал

Состојки: 2 излупени портокали, 2 моркови исечени на парчиња, парчиња ѓумбир, вода по потреба. Исцедете половина од еден портокал и ставете во блендер. Додајте ги преостанатите состојки и вклучете го блендерот. Ако вашето смути е премногу густо, разредете го со малку вода.

Автор: Ана Хлача

Извор



912

X