Воспитување

Елеганција е кога она внатре е исто толку убаво како и она надвор… Зборовите на мудри жени

Постојат многу жени што секојдневно постигнуваат значајни економски, политички и општествени успеси, зголемувајќи го бројот на достигнувањата на жените од минатото, сегашноста и иднината.

Во продолжение се дадени неколку цитати за воспитување на ќерките за да им внесеме сила и верба во себе.

За неуспехот

– Не може да се живее без неуспех во нешто, освен ако не живеете толку внимателно, што е исто како воопшто да не сте живееле – Џ.К.Ролинг.

Ќе има денови кога на вашата ќерка нема да ѝ оди. Научете ја дека тоа е нормално и дека не треба да се откажува. Тоа не значи дека не треба да има соништа, ниту дека тие не вредат, тоа само значи дека ќе мора да стане и повторно да се обиде.

За чувството на инфериорност

– Запомни дека никој не може да направи да се чувствуваш инфериорно доколку ти не му дозволиш – Елеонор Рузвелт.

Ниедна девојка не треба да дозволи некој да направи да се чувствува инфериорно. Учете ја вашата ќерка дека таа одлучува како ќе се чувствува и дека таа ги држи конците во свои раце.

За вклопувањето

Ако секогаш се обидуваш да бидеш нормална, никогаш нема да дознаеш колку можеш да бидеш неверојатна – Маја Ангелоу.

Немојте да ја учите вашата ќерка да се вклопува во некои наметнати правила, норми и туѓи очекувања. Бидејќи таа може и треба да биде повеќе од тоа. Нека истражува и нека ги открива своите можности бидејќи тие се неограничени.

За зависта и копирањето на другите

-Секогаш биди првокласна верзија од себеси, а не второкласна верзија од друга личност – Џуди Гарланд.

Поттикнете ги и мотивирајте ги вашите ќерки да бидат она што се. Особено во тинејџерските години може да посакаат да бидат како некој друг, но вие треба да им покажете да бидат најдобра верзија од себеси.

Преземање на првиот чекор

-Најефективниот начин да направиш нешто е да го направиш нештото – Амелија Ерхарт.

Научете ја вашата ќерка да не биде оној вид личност што само седи и чека некој друг да направи нешто за неа. Таа има доволно сила, знаење и способност да може да постигне многу работи. И сами знаете дека работите не паѓаат од небо – треба да се потрудиме за да ги добиеме.

За искажувањето желби

– Многу луѓе се плашат да кажат што сакаат. Тоа и е причината зошто не го добиваат она што го сакаат – Мадона.

Дали од страв, срам или несигурност, луѓето понекогаш остануваат без она што го сакаат само затоа што не се одлучуваат да го направат првиот чекор. Охрабрете ја вашата ќерка да не се срами од своите желби.

За изгледот и елеганцијата

– Елеганција е кога она внатре е исто толку убаво како и она надвор – Коко Шанел.

Медумите денес поставуваат неверојатни и нереални стандарди за жените. Затоа, учете ја вашата ќерка дека освен за надворешноста, треба да се грижи и за внатрешноста. Тоа ќе ја направи прекрасна девојка и жена.

За скршеното срце

– Продолжи да го делиш срцето со луѓето дури и кога е скршено – Ејми Пулер.

Раскажете ѝ на вашата ќерка дека и вашето срце некогаш било скршено. Научете ја дека некои работи едноставно мора да се случат за потоа да дојдат уште поубави и подобри. Нека не го затвора своето срце.

За изборот на мажи

– Јас, со длабок инстинкт, избирам мажи кои ѝ парираат на мојата сила, кои имаат огромни очекувања од мене, кои не се сомневаат во мојата храброст и сила, кои не мислат дека сум наивна или невина, кои имаат храброст да ме третираат како жена – Анаис Нин.

Изборот на вистинскиот маж е тешка задача. Понекогаш жените брзаат, а потоа сфаќаат дека направиле грешка. Научете ја вашата ќерка да избира мажи што ќе ја почитуваат, ценат и сакаат. Таа го заслужува најдоброто.

За критиките

– Критиките сфати ги сериозно, но не лично. Ако има малку вистина во критиката, обиди се од неа да научиш нешто. Ако нема, нека ти помине низ ушите – Хилари Клинтон.

Некои луѓе ја упатуваат критиката добронамерно, а некои спротивно. Затоа, учете ја вашата ќерка да не ги прифаќа лично. Трипати нека размисли дали нешто има смисла пред да помисли лошо за себе.

За влијанието

– Ако мислиш дека си премногу мала да имаш какво било влијание, обиди се да спиеш во соба со комарец – Анита Родик.

Секоја личност има право на свој глас и може да предизвика промена во светот. Ако вашата ќерка има такви соништа, дајте ѝ поддршка.

За уживањето во животот

– Ништо не трае вечно. Затоа живеј со полни гради, испиј го пијалакот до дното, смеј се, избегнувај драма, користи шанси и никогаш немој да се каеш бидејќи барем во една пригода си го направила она што си сакала да го направиш – Мерилин Монро.

Без оглед на одлуките што ги носи, ако тоа е она што го сакаме, во ред. Нека и вашата ќерка размислува така, бидејќи животот е само еден и секогаш ќе ѝ биде жал ако нешто не проба.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top