Шест недели по породувањето е период во кој жената закрепнува од бременоста и доживува различни промени. Крвавење, доење, болки и многу емотивни промени. Ова се 10 одговори на најчестите прашања што најмногу ги мачат новите мајки:

Колку долго ќе крвавам?

Вагиналното крвавење може да трае до 6 недели по породувањето, но кај повеќето жени престанува порано. Првите неколку дена крвта ќе биде светлоцрвена и ќе изгледа како да имате менструација. Може да почувствувате и поголеми грутки кои ќе се појават откако сте се поместиле од седечка или лежечка положба, што е сосема нормално, иако треба да внимавате што се случува во тој период. Крвта се собира во вагината кога сте во една положба, па нагло излегува кога ќе ја промените положбата. Меѓутоа, ако вашата влошка се наполни за помалку од еден час, важно е да побарате лекарска помош. 3 до 4 дена по породувањето вашето крвавење полека треба да слабее и да стане воденикаво со розова боја. 8 до 10 дена ако исцедокот повторно станува црвен и многу густ, вашето тело можеби ви порачува дека сте претерале и дека треба повеќе да се одмарате. Крвавењето кое е силно и со црвена боја подолго од една недела е невообичаено и тогаш мора да побарате совет од лекар.

Дали грутките во текот на крвавењето се нормални?

Повремените „мали“ грутки се сосема нормални, а се мисли на грутки кои се со големина на парички. Имаат темноцрвена боја и се во облик на желатин. Откако ќе се појави грутка, следете што се случува понатаму со вашето тело и какво е крвавењето. Ако не престанува за помалку од еден час, обратете се на лекар.

Како да се грижам за конците?

Се разбира дека немаат сите жени конци по вагиналното породување, но ако имате, треба да бидат чисти и суви за да се намали можноста за инфекција. Користете шише со топла вода за полесно да се исчистите по одење во тоалет. Ако конците ве печат додека мокрите, обидете се да се прскате со вода во текот на мокрењето за да си ја олесните болката, а потоа лесно тапкајте со газа за да се исуши тоа подрачје. Пијте доволно вода бидејќи вашата урина ќе биде поблага, а и помалку ќе ве боли. Урината би требало да биде безбојна, а не жолта. Ако вагиналните делови се многу отечени, ставете некое ледено пакување на тоа место – се разбира, мора да бидете нежни, па да го ставите тоа смрзнато пакување врз некоја ткаенина. Инаку, конците можете да ги натопувате во топла вода два до три пати на ден – тоа ќе помогне да останат чисти, но и циркулацијата во тие делови на телото да биде побрза, што значи и побрзо закрепнување. Олеснете си го седењето, па ако многу ве боли, обидете се да седите на перница на надувување или од пешкири направете си самите некој облик кој ќе ви ја олесни положбата.

Дали смеам да пијам таблети против болки?

По вагиналното породување може да имате три вида болка: од раната, распецување и епизиотомија, нормална болка од породувањето и од хемородиди. Се разбира, можеби сте среќничка која не почувствувала ваков вид болка. Некои рани се многу мали и нема да ги почувствувате, а за поголемите потребно е повеќе време за да заздравите, па може да ви се потребни и лекови за болки. Повеќето такви лекови не пречат во доењето, но можете да се посоветувате со лекар или фармацевт. Може да почувствувате и грчеви во матката, а тоа е сосема нормално бидејќи матката по породувањето се враќа во нормалната состојба. Грчевите се најсилни неколку дена по породувањето, но почнуваат полека да се смируваат. Може да се појават хемороиди во текот на бременоста и по породувањето, па топлите бањи во када може да бидат смирувачки, како и различни кремови што ја намалуваат болката.

Дали ќе се повредам кога ќе ја имам првата столица? Дали конците ќе испукаат?

Жените се често преплашени од помислата на првата столица по породувањето поради болката и помислата дека може да им пукнат конците. Пијте доволно течности и јадете храна полна со влакна за столицата да биде помека. Некогаш помагаат и препарати за омекнување на столицата.

Кога ќе можам да дојам? Кога ќе ми дојде млеко?

Млекото ќе дојде штом ќе се роди вашето дете. Првото млеко се нарекува колострум. Тоа е ретка жолтеникава течност која доаѓа во мали количини, совршена за малото бебе и неговото малечко стомаче. Колострумот е полн со антитела и материи кои се важни за здравјето на вашето дете. Некаде околу третиот ден по породувањето ќе забележите дека дојките стануваат потешки, што значи дека се менуваат својствата на млекото. Бојата ќе биде различна, од златна до бела, како и количината што ќе се произведува.

Треба ли да имам посебна исхрана додека дојам?

Нема посебен вид исхрана додека го доите своето дете – здравата исхрана е единственото нешто што треба да го практикувате. Се препорачува ограничување на внесот на кофеин, не повеќе од една до две шолји дневно.

Зошто сум толку емотивна?

Жените така се чувствуваат по раѓањето дете. Тоа се најчесто емоции кои се очекувани: љубов, среќа, еуфорија. Но, понекогаш се јавуваат и неочекувани чувства. Рамнодушност, незадоволство или разочарување. Да се добие дете е неверојатно искуство, но нема вистински одговор што точно треба да чувствувате. Таквото размислување само може да ве повлече кон негативни емоции. Дајте си време за да ви се врати силата и да внимавате на себе и своето дете. За да препознаете разлика помеѓу постпородилна тага и депресија, размислете како се чувствувате – тагата е вообичаена во првите недели, но ако таквите чувства потраат повеќе од неколку недели, можеби страдате од постпородилна депресија и најдобро е да се обратите на лекар и да разговарате со блиските.

Како да знам дали сум добила инфекција?

По вагиналното породување најчестите места каде што ќе се развие инфекција се конците, матката и мочниот меур. Првите знаци на инфекција се зголемена болка која не се намалува без разлика што времето поминува или што земате лекови против болка. Црвеникава кожа околу конците или здебелување и зеленикав исцедок исто така се знаци на кои треба да се обрне внимание. Исцедокот со непријатен мирис од вагината, болката во подрачјето на карлицата и температурата може да бидат знак дека имате воспаление на матката. Чувство на печење кога мокрите, често мокрење и чувство на итност за мокрење се симптоми на кои треба да обрнете внимание. Важно е ако имате температура во првите 6 недели по породувањето, задолжително да го посетите својот лекар.

Кога може повторно да имам сексуални односи?

По породувањето и привикнувањето на вашето бебе во вашите прегратки, сексот сигурно не е на листата со приоритети. Меѓутоа, добро е да се знае кога вашето тело е подготвено за враќање во нормала. Општа препорака е дека треба да се чека 6 недели пред сексуален однос бидејќи телото сѐ уште е многу чувствително. Постои поголем ризик за развој на инфекции. Вашата матка мора целосно да заздрави каде што била прицврстена постелката. Овој дел е особено чувствителен во текот на сексуалниот однос поради бактерии. А потребно е време конците и раните да заздрават и тој дел од телото да се опушти.

Автор: Селма Сакиќ

Извор



912

X