Случајот на девојчето од сиромашно имигрантско семејство, кое во училиште добивало поинаков ручек од другите ученици, ја подели италијанската јавност
Девојче во основно училиште недалеку од Верона за ручек добивало само крекери и малку туна од конзерва, додека другите деца добивале тестенини, а и уште едно јадење со главниот оброк. Затоа почнало да плаче, јавува Би-би-си.
За ова слушнал фудбалерот Антонио Кандрева од „Интер Милан“ и приказната многу го трогнала. На родителите им понудил тој да го плаќа секојдневниот ручек за девојчето.
– Спремен сум да им помогнам на родителите за плаќањето на школската кантина – му рекол Кандрева на Андреј Гирарди, градоначалникот на Минербе, град оддалечен 35 километри од Верона.
Иако станува збор за хуман гест, случајот ја подели Италија, а предничат политичарите на антиимигрантската и популистичка лига. Најпознат нејзин член е министерот за внатрешни работи, Матео Салвини.
И градоначалникот на Минербе е на истата страна, па не чуди неговото објаснување на случајот. Тој рекол дека оброкот составен од крекери и туна бил гест на „коректност спрема оние семејства што уредно ја плаќаат сметката за кантината“.
Противниците сметаат дека станува збор за груба дискриминација и понижување на децата од сиромашни семејства. Приказната брзо се рашири на социјалните мрежи и се откри дека многу други деца од сиромашни семејства на бегалци се изложени на сличен третман. Во некои случаи учителите се одрекнуваат од својот ручек во корист на децата чии родители не можат да ја платат кантината.
Сепак, градоначалникот Гирарди вели дека градот им помага на 30 семејства што не можат да плаќаат, а за мерката „различен ручек“ се одлучиле затоа што во спротивно би се распаднал целиот систем.
– Се соочуваме со десетици родители што не можат да плаќаат, па одлучивме да поставиме граници. Не сакавме да дојде до ова, но би ризикувале децата чии родители редовно плаќаат да не добијат соодветен оброк – рече Гирарди.
Опозиционерите од либералната демократска партија на тоа го поставија прашањето: – Па како може да каже дека тоа е во ред, а дете во основно училиште е понижено само затоа што родителите му се сиромашни.