Воспитување

Заштита од потенцијално опасните предмети за детето – водич за секоја соба во домот

Кога го купив мојот стан, да имам бебе беше надежна мисла за мене и сопругот, но не и реалност. Сега, по речиси 10 месеци одложување на селењето (ти благодарам Ковид-19) и реновирање, се преселуваме во новиот дом, по само неколку недели од пристигањето на новиот член во семејството. Светла точка во целата ситуација со пандемијата е што можевме да планираме сигурен дом за своето дете. За да донесам одлуки за заштита на бебето во домот, се обратив кај експерти за дизајн и безбедност. Со нив дискутирав за секоја соба во домот за да се осигурам дека секое парче мебел во кое ќе инвестирам нема да биде веднаш оштетено или премногу остро за моето малечко. Па, еве неколку насоки за да се осигурите во безбедноста во домот, кога вашето дете ќе почне да ползи, да оди, па дури и да се качува.

Почнете со големите работи

Сега е време да поправите некој скршен прозорец, да ги поправите грејачите, да ја проверите состојбата на детекторите за чад и слично. Проверете ги и кваките на вратите, па дури и таванот и ѕидовите, доколку се работи за постара градба. Ова е совет од Кели Џонсон-Арбор, медицински токсиколог и заменик-директор на Националниот токсиколошки центар.

– Во мојот постар дом бојата на ѕидовите се лупеше, што може да значи изложеност на штетни материи, особено за малите деца, кои ги допираат сите површини низ домот. Поправете ги основните површини каде што има оштетување – вели д-р Џонсон-Арбор. Таа советува да фрлите поглед и на мебелот за да видите дали има делови што недостигаат, се распаѓаат или се остри и да ги замените или прицврстите.

Кујна

Ако кујната ви е од отворен тип, тогаш детето има лесен пристап до неа. Не кревајте паника, но добро е да инвестирате во модерни шкафчиња со заштита за деца. Најдобри се магнетски затворачи кои може да се стават на внатрешноста од вратничките. Може да купите и заштитни навлаки за самите држачи, наменети конкретно за заштита на малите деца. Исто така, средствата за чистење не чувајте ги под мијалникот, туку на некое друго место до кое детето не би имало пристап – некаде повисоко. Поради боите и изгледот на амбалажата, тие се примамливи за децата. Експертите советуваат и да не се купува стаклена маса за во кујна бидејќи е помалку стабилна од дрвената или металната.


Дневна соба

Најголемиот ризик во дневната соба е повреда на мебелот со остри рабови. Ако имате такво нешто, можете да поставите заштитници, или да побарате некои тркалезни масички и други парчиња мебел кои може да се користат во дневната. На каучите и столовите најдобро е да се стават покривки – особено оние што се перат и сушат побрзо. Уште поважно е да поставите заштита на штекерите во собата бидејќи децата често ги допираат.


Детската соба

Во оваа соба најважна е функционалноста, вели Алесандра Вуд, задолжена за стил во компанијата „Мудси“. „Имајте соодветно место за складирање на сите потребни работи за грижа за детето. Одлични се гардероберите со фиоки. Што се однесува до декорацијата на просторот, избегнувајте да закачувате работи директно над креветчето и масата за менување пелени бидејќи детето може да ги дофати. Што се однесува до ѕидовите, најдобро е да се направи само украсен тапет, а не предмети што може да се вадат. Набавете и ноќни светилки за добар сон на бебето, како и безбедна кутија за неговите играчки и тенок килим.

Бања

Бидејќи тука ги чувате лековите и некои средства за чистење, треба да воведете посебна заштита за детето. Д-р Џонсон-Арбор советува да се преместат тие средства на место каде што детето не би можело да ги дофати или пак поставете заштита на самите врати за детето да не може да ги фати, а истото направете го и со веце-школката. Секогаш имајте при рака термометар за да се осигурите дека водата во која го бањате детето е безбедна.


Направете последна ревизија

Сите поминуваме повеќе време дома поради пандемијата. Искористете го тоа време за да ги погледнете и малите предмети околу кои се движите и размислете дали сè е доволно безбедно. Труењето со отровни материи сè уште е многу важен сегмент околу кој треба да се внимава, а еве и неколку последни дополнителни совети: Ставете заштита на вратите од секој влез на соба каде што детето не треба да влегува, осигурете се дека сите растенија што ги имате дома не се отровни, редовно вклучувајте ја правосмукалката и собирајте ги ситните парчиња паднати на подот што може да предизвикаат задушување, заштитете ги вратите од местата каде што има пијалаци (алкохол), чувајте ги батериите од играчките на безбедно место, далеку од дофат на детето, и отстранете ги шампоните и другите козметички средства од кадата, туш-кабината или мијалникот за да нема можност детето да ги дофати.

Автор: Мелиса Буковски

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top