Математиката ѝ е голема љубов, а интересот за неа го има од најмала возраст

Сака да црта, да слуша поп-музика, да фотографира, да гледа филмови и серии во слободно време, но и вредно учи, а своето знаење го потврдува на многубројни натпревари. 14-годишната Емилија Николовска, ученичка во Основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид, освои бронзен медал на Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки во Доха, Катар. Во силна конкуренција од 409 учесници од 70 држави, таа покажа извонредно знаење и ѝ припадна третото место. Со тоа ја рангира Македонија на 18. место по освоените медали.

Ова е голем успех за оваа вредна деветтоодделенка и за нашата земја. Нејзината професорка по биологија и класна раководителка Зоре Ѓоршеска вели дека таа е гордост на нивното училиште.

Емилија ни раскажа за патот до овој успех, за напорните подготовки и љубовта кон природните науки. Оваа вредна девојка е сестрана личност и добар другар. Почнала да се натпреварува уште од одделенска настава.

– Одам на натпревари уште од четврто одделение. Во тој период се натпреварував по математика, а во петто одделение освоив прво место на државен натпревар по англиски. Од шесто одделение досега имам учествувано на повеќе натпревари, меѓу кои најзначаен е натпреварот HIPPO по англиски, кој се одржа во Италија во 2018 година, повеќе општински, регионални и државни натпревари по математика, физика и германски, Јуниорска македонска математичка олимпијада на која имав бронза и сребро и Меѓународната јуниорска олимпијада по природни науки што се одржа во Доха, Катар, во декември лани – раскажува Емилија.

Математиката ѝ е голема љубов, а интересот за неа го има од најмала возраст.

– Никогаш не сум сакала да учам теорија, па математиката ми е лесна и интересна. Како математичар во осмо одделение сакав да се пријавам на натпревар по физика. На почетокот не бев многу запознаена со материјалот, но се спремав и на регионалниот и на државниот натпревар освоив прво место. Така бев поканета на првиот селекционен натпревар за Олимпијадата по природни науки. Тој беше на крајот од јуни и бев прва иако имаше ученици и од осмо и од деветто одделение. Јас бев осмо, па морав цел јуни да го учам материјалот за деветто одделение по физика, хемија и по биологија. Но, трудот се исплати и поминав на вториот селекционен натпревар, кој се одржа на 23 август 2019, на кој бев втора и бев избрана во тимот што ја претставуваше Македонија на Олимпијадата во Катар – вели Емилија.

За овој натпревар требало да научи материјал по физика, хемија и по биологија до четврта година средно образование, а го работела цело лето.
– Од септември до крајот на ноември секој викенд одев во Скопје на Природно-математичкиот факултет каде што сите 6 члена од тимот имавме подготовки со професори по физика, хемија и по биологија. Морам да кажам дека подготовките беа многу интересни особено поради експериментите што ги правевме, затоа што на училиште ретко имаме можност да експериментираме – раскажува Емилија.
Младата ученичка била многу блиску до сребрен медал во Доха.

– Заминавме на 2 декември во Катар, 6 ученици и 3 професори, по еден од физика, хемија и биологија. Целата Олимпијада траеше до 12 декември, но само на третиот, петтиот и седмиот ден откако пристигнавме имавме тестови. Имаше тест со заокружување и тест со решавање задачи (теорија) кои беа од трите области (физика, хемија и биологија) и експерименти, кои ги работевме по тројца во група. Оваа година се засноваа на одредување на загаденоста на водата во Доха од три различни гледни точки (физика, хемија и биологија). Таму беше топло и необично, начинот на живот и културата ме импресионираа, бевме сместени во прекрасен хотел, имавме обезбедено храна и престој од државата и бевме во повеќе музеи, на плажа, во трговски центар и на многу места по кои е карактеристичен градот Доха – вели девојчето.

Нејзиниот сон е еден ден да оди во Лондон.

– Оваа година се пријавив на повеќе натпревари, засега на физика, хемија, биологија и математика. Пред неколку дена добив стипендија за учество на курс по германски јазик во Германија. Многу ми е мило што почнав да патувам на натпреварите и во иднина би сакала да запознаам повеќе култури и држави низ целиот свет. Дружењето со деца што се вредни и со знаење како мене, кои се интересираат да научат повеќе, постојаното учење нови работи од областа на природните науки ми ја зголемија желбата да студирам нешто поврзано со физика, математика или информатика – вели Емилија.

Додава дека за нејзиниот успех се заслужни и нејзините родители, наставниците и професорите кои дале сè од себе за таа да биде тоа што е денес – нивна гордост.
Емилија ги охрабрува своите другари да се пријавуваат на натпревари затоа што нема што да изгубат, а може многу да добијат, особено знаењето што ќе им користи во иднина.



912

X