Во летната онлајн-школа „Ја учиме азбуката со Биби и Боби“ на македонски јазик децата преку видеопрезентација, песни и сказни, гатанки, брзозборки, погодувалки, дидактички игри за погодување, именување, препознавање на буквите во игрите, зборовите, сликите… ги научија буквите. Поради големиот интерес и успешно завршената летна онлајн-школа во која 100 дечиња ја учеа азбуката, продолжуваме со нови термини за уписи

„Продолжете да постоите, ја разбранувате детската имагинација преку Биби и Боби. Долго време чекавме да се појави еден ваков концепт“. Вакви и слични коментари даваат родителите чии деца беа дел од летната онлајн-школа на „Бибиверзум“. Изучените букви, имиња и брзозборки, интеракцијата со наставничките, игрите со зборови, се нештата од кои децата се воодушевени и поради кои едвај го чекаа секој следен час.

Иако онлајн-наставата беше предизвик за едукаторите на „Бибиверзум“, велат дека е најважно што со овие часови ја поттикнале креативноста кај децата.

Одличен концепт

– Супер е концептот на часовите. Како родител на дете кое ќе биде прваче, можам да кажам дека многу ми се допаѓаат часовите, но и моето дете со нетрпение го очекува секој час. Дополнително, ова беше добра можност да увидам дека слабо ни оди со гатанките, па почнавме повеќе внимание да обрнуваме на тоа. Секоја чест за концептот, како и за можноста децата да имаат три едукативни часа неделно, како и разбирање на концептот за онлајн-учење – вели мајка во анонимната анкета за родителите за оцена на активностите.

Друга мајка вели дека нејзината ќеркичка Аника многу ги засакала другарчињата во „Бибиверзум“.

– Со Аника зборувавме дека многу ќе ни недостигате, но се гледаме повторно во „Бибиверзум“. Таа вели дека многу ги засакала учителката и дечињата. Инсистираше да биде сама на часовите и ја оставивме. Задоволна е и пресреќна, а тоа ми е најважно. Остануваме во дружба – вели мајката.

– Одлична идеја и добра реализација. Во овие специфични услови пронајдовте начин да се дружите со децата и да им го промените секојдневието – пишува родител.

Бибиверзумци стекнаа вештини

Наставничката Наташа Маџевска, дел од едукаторите на „Бибиверзум“, вели дека како човек кој има повеќегодишно искуство во работа со деца со физичко присуство, каде што се следи развојот на децата и постигнувањата, онлајн-наставата ѝ била предизвик.

– Предизвик беше на децата да им ја донесам азбуката со учење на далечина, а сепак блиску онлајн, каде што тие почувствуваа колку се едно и колку со учење на далечина постигнаа знаење, се спријателија меѓу себе, посакаа во иднина да се дружат и нивната меѓусебна комуникација да продолжи. Во летната онлајн-школа „Ја учиме азбуката со Биби и Боби“ на македонски јазик децата преку видеопрезентација, песни и сказни, гатанки, брзозборки, погодувалки, дидактички игри за погодување, именување, препознавање на буквите во игрите, зборовите, сликите, ги научија буквите. На првите часови децата учеа за правилата и обврските на однесување на часовите на далечина, почитување додека еден зборува, другиот да го ислуша, да се вреднува трудот на другарчето, стекнуваа навики за позитивно критичко мислење и се негуваше ведра атмосфера и расположение кај децата. Децата-бибиверзумци ги поттикнувавме на развој на нивната креативност, наученото да го продолжат во нивните домови со останатите членови од семејството. Како што со активностите се приближувавме кон завршување на часовите во летната онлајн-школа, така кај децата беа сè повидливи самодовербата во користењето на самата онлајн-програма, сигурноста и поддршката во наученото, изразувањето и слободното искажување за наученото – вели Маџовска.

Таа додава дека кога завршувал часот, децата сакале да го продолжат со многу поставени прашања и уште нешто и уште нешто.
– Децата-бибиверзумци го применуваат наученото и го интегрираат во учење на наредната буква. Тие стекнаа вештини наученото да го препознаваат и применуваат во своето опкружување, секојдневие и со блиските – додава наставничката.

Голем интерес

Нејзината колешка Златица Апостолов вели дека летната онлајн-школа предизвика голем интерес кај децата што ја следеа.

– На интересен начин, преку ликовите на Биби и Боби, преку видеа за буквите и разни игри поставените цели беа усвоени од страна на дечињата. Преку интеракција со едукаторот децата имаа можност да го развиваат критичкото мислење, да одговараат на прашања, а воедно и да го збогатуваат својот речник со нови зборови. Особено беше забележителен натпреварувачкиот дух помеѓу децата во изработка на изучените букви од најразлични материјали. Идејата за летната онлајн-школа во едукативниот центар „Бибиверзум“ за мене беше голем предизвик, но истовремено и мотивација за на најдобар начин да ги мотивирам децата да ја научат кирилицата. Вложениот труд се исплатеше бидејќи задоволството и искрените насмевки на детските лица кажуваат сè. Го изразувам моето задоволство како дел од еден професионален, квалитетен и успешен тим и со уште поголем елан продолжувам во наредниот циклус на онлајн-школата која повторно стартува на 14 септември – ни рече Апостолов.

Со добар тим сè е возможно

Едукаторката Магдалена Митева вели дека додека отчукуваат последните минути oд работењето со првите работни групи во летната онлајн-школа на „Бибиверзум“ и „Светот на Биби“, во која се изучуваа буквите од македонската азбука, не може, а да не ја изрази својата возбуда и гордост како едукатор во овој процес.

– Изминатите два месеца ми отворија нови хоризонти и видици за подучувањето на далечина и ми докажаа дека со добар тим, опрема, желба и визија, образованието не може ништо да го сопре во ниту еден момент. Активностите што беа опфатени на часовите им овозможија на дечињата да развијат различни вештини и способности и понатаму стекнатите знаења да можат да ги практикуваат во секојдневното живеење. Секој час беше предизвик сам за себе, а секоја нова усвоена буква ја зголемуваше самодовербата кај децата. Уживаа да се дружат со омилените ликови на Биби и Боби низ едукативните видеа за буквите од азбуката, се натпреваруваа во игрите за изненадување, го погодуваа местото на буквите во зборовите, играа и пееја на омилените песнички. Ми претставува особена чест што бев едукатор во целиот овој процес и сакам да упатам особена благодарност до родителите, кои беа незаменлива поддршка зад екраните. Дечињата, пак, се една посебна волшебна приказна и ги дадоа и душата и срцето во овој проект и не само што стекнаа нови знаења, туку стекнаа и нови пријателства – вели Митева.

Чао, чао драги другарчиња, се гледаме во новите проекти на „Светот на Биби“ и „Бибиверзум“!



912

X