Одлучувачките тела на ЕУ (Парламентот и Советот) доцна синоќа постигнаа договор за директивата наречена „Рамнотежа меѓу приватниот и професионалниот живот“, која првпат предвидува задолжително породилно отсуство за мажите.
Иако постигнатиот компромис многумина го сметаат за минимален, како што јавува МИА, усвојувањето на директивата вчера беше поздравено од Европската комисија како чекор кон „поквалитетен живот за граѓаните на ЕУ“, чекор кон поголема родова еднаквост и „убав ден за социјална Европа“, изјави комесарката Маријан Тејсен, која ги водеше преговорите.
Највпечатлив дел од компромисот е воведувањето задолжително породилно отсуство за татковците од минимум десет дена во цела ЕУ. Породилното за мажите ќе изнесува онолку колку што чини ден боледување во секоја земја. Европскиот парламент во преговорите бараше породилното за татковците да изнесува 80 отсто од бруто-платата, но земјите-членки одбија.