Во младоста никој не нè учи дека во врската или бракот не тече само мед и млеко. Потоа влегуваме во светот на партнерството и сфаќаме дека романтичната приказна нема врска со реалноста. Како што објаснува хамбуршкиот брачен терапевт Ерик Хегман, дури две третини од сите партнерски судири воопшто не можат да се разрешат. Треба ли да се игнорира кавгата или да се продолжи со бескрајна кавга?

„Паровите што никогаш не се расправаат, или го изгубиле интересот еден за друг или се откажале. А можеби и научиле да ги избегнуваат судирите. Зад тоа се крие страв од одговорот на прашањето дали уште постои љубов меѓу нив. Бидејќи кога навистина би ме сакал/а, тогаш никогаш не би се карале.  Но, работите никогаш не се толку црно-бели. Сите сме различни луѓе и нормално е да се караме, но кавгата би требало да ја сфатиме како можност за расчистување, а не веднаш како причина за прекин. Дури и најсреќните парови се караат. Важно е само како го прават тоа“, вели терапевтот Хегман. Со овие неколку правила можеби нема толку тешко да ги поднесувате кавгите.

Правило број 1: Разбирање наместо уверување

Според зборовите на терапевтот Хегман, пресудно е во врската да сфатите дека потребите на двајцата партнери се многу важни. Кога и двајцата ќе го сфатат тоа, нема во кавга фрустрирано да се инсистира на уверување на другиот во својата вистина, туку ќе може конструктивно да се комуницира.

Правило број 2: Станете свесни за својот начин на однесување

Сите ние различно реагираме на стрес и судири. Според Хегман, во врските постојат две основни шеми. Оние што ги потценуваат проблемите, ги поднесуваат или игнорираат и оние што постојано ги истакнуваат, му ги префрлаат на партнерот и стануваат гласни. За жал, и двата начина го отежнуваат разбирањето помеѓу партнерите, оневозможувајќи да се развие разбирањето и партнерите да си ги кажат своите мисли. Најчесто двајцата чувствуваат страв дека ќе го изгубат партнерот поради нерешен конфликт. Затоа, според Хегман, многу е важно да се препознае сето ова и да се разреши.

Потребно е ментално да се потрудите да го согледате тоа во кавга, да разговарате за она што навистина го чувствувате и да се слушате.

Правило број 3: Близина наместо дистанца и при кавга

Дистанцата е виновникот што не можеме да се разбереме. „Приближете се еден до друг“, советува Хегман, „разговарајте за своите потреби, стандарди, граници и објаснете зошто така размислувате и зошто некаде повлекувате црта. Таков разговор нема да ги реши различните ставови и судирот, ама ќе ве зближи и ќе отвори пат за пронаоѓање заедничко решение“.

Правило број 4: Почнете од себе

Се разбира дека може во кавга жестоко да му се налутиме на партнерот бидејќи се повлекува и ја избегнува кавгата. Се разбира дека можеме да ја преколнуваме судбината што нè натерала да се заљубиме во упорен и тврдоглав кавгаџија. Според Хегман, многу ќе ви помогне следното: „Не можете да го менувате партнерот. Но можете да го менувате своето однесување. Задлабочете се во себе и размислете зошто некоја тема многу ве нервира и ве мачи. Веројатно одговорот во голема мера е сокриен во вас, а не во партнерот. На тоа можете да влијаете со силата на волјата“.

И конечно, можеби и најважната реченица што треба да ја поставите во кавга, особено ако ништо друго не помага, е следната: „Дали оваа тема или кавга ќе ми биде важна за една година?“ Ако одговорот е НЕ, тогаш јасно ви е дека не се исплаќа да продолжите да се карате.



912

X