Рускиот лекар Алксеј Синјаков препорачува витаминските резерви на организмот, особено кај децата, првенствено да се пополнуваат со витамински билки

Зимата и пролетта се годишни времиња кои со себе носат најголем број вируси и настинки, кои најчесто се јавуваат кај децата. Рускиот лекар Алксеј Синјаков препорачува витаминските резерви на организмот, особено кај децата, првенствено да се пополнуваат со витамински билки. Тој тврди дека витаминските билки се физиолошки поактивни и поефикасни од синтетичките витамини што се внесуваат во облик на таблети.

– Витаминските напивки што ја обновуваат силата и превентивно дејствуваат во основа може да ги земате сами, повремено консултирајќи се со лекар – тврди Синјаков.

– Кај децата што се занимаваат со спорт настинките се поретки, а болестите многу полесно се поднесуваат. Закрепнувачки коктел ќе го победи моменталниот умор, а во вечерните часови ќе придонесе за смирување и ќе го подобри сонот. Со долгорочна употреба ќе го зајакне целиот организам.
Синајков посочува дека за здрави витамински напивки доволно е во кујната да имате свежо нане, камилица, листови од рибизла или некои од мирисливите зачински билки што се користат во гастрономијата. Препорака е компонентите на секоја витаминска напивка да се разблажат со раствор од екстракт од нане, а во летните месеци пожелно е да се користи и мраз од екстракт од нане или камилица зашто на напивките ќе им даде посебен мирис и вкус.

Лимон и јајце

Измешајте сок од еден лимон, едно јајце (за кое сте сигурни дека е безбедно за консумирање термички необработено), 20 мл сируп од нане и 100 мл вода. Матете во миксер додека не се појави пена, потоа ставете во висока чаша до половина наполнета со ситно исечкан мраз од екстракт од нане и пијте во утринските часови.

Ананас и лимон

Исцедите 60 мл сок од свеж ананас и 30 мл лимонов сок. Измешајте ги исцедените сокови со ладна превриена вода. Во чашата најпрвин ставете искршен мраз со екстракт од нане и додајте го витаминскиот пијалак. Се препорачува да се консумира еден-два часа по ручекот.

Зелено млеко

Измешајте по 50 г свежо глуварче, листови од црна рибизла, коприви, барбарис, копар и млад зелен кромид.
Три супени лажици од оваа смеса измешајте ги со четири чаши кефир, добро измешајте и посолете по вкус. Напивката се консумира ладна и во утринските часови наместо појадок или ужина.

Мешавина од зеленчук

Исцедете 100 мл сок од моркови, 100 мл сок од домати и голема лажица сок од свежо цедена коприва. Измешајте ги сите состојки и полека додајте 5 чаши свежо млеко, сол и бибер по вкус.
Се пие ладно во претпладневните часови.



912

X