Колку се важни зачините, покажува фактот што станаа статусен симбол на многу земји, а патувањата и онлајн информациите секоја година носат некои од егзотичните зачини во нашите кујни, за кои до неодамна многу малку сме знаеле.
Зошто зачините се користат во исхраната на децата?
Зачините по својот состав се производи од растително и неорганско потекло, кои во мали количини даваат значителна промена во аромата на оброкот. Родителите прво им воведуваат зачини на децата за да го подобрат вкусот на храната и со тоа да ја зголемат желбата на детето за јадење, особено храната за која се смета дека нема привлечен вкус. Друга причина е навиката на самите родители кои сакаат одредени зачини, а во нашите средини тоа се претежно кромид, лук, сол и шеќер.
Дали е грешка раното воведување на зачините во детската исхрана?
Кога детето ќе се сретне со намирниците првпат, мора да добие впечаток за тоа каков е навистина нивниот вкус без да ги маскира со зачини. Одредени зачини можат да бидат силни за детскиот стомак, а солта и шеќерот се најзастапени во сите готови производи, па и без дополнителни додатоци децата се веќе изложени на нив. Ако сакате вашето дете да сака одредени здрави намирници уште од најмала возраст, не маскирајте го нивниот вкус, туку оставете го детето да се навикне на нив. Од друга страна, одредени зачини помагаат при дигестивни проблеми, па затоа се вистински избор за ублажување на напнатоста, стомачните болки и дијарејата.
Зачини во исхраната на децата до една година
Најголем предизвик за родителите е употребата на зачини пред детето да наполни една година. Иако често не сме свесни за тоа, преку мајчиното млеко бебињата веќе се изложени на одредени зачини кои мајката ги користи во својата исхрана, па затоа мајките треба да внимаваат бидејќи вкусот на нивното млеко може да се промени поради зачините што ги консумираат, а бебето може да биде збунето од тој нов вкус на млекото. Иако одредени водичи велат дека можете да внесете зачини во исхраната на вашето дете уште од шестиот месец, сѐ повеќе експерти се согласуваат дека треба да почекате бебето да наполни осум месеци, а потоа да почнете да ги воведувате зачините полека и во мали количини, како што правите со другите намирници. А пред да внесете некој зачин во исхраната на детето, внимателно проверете дали вашето дете е на вистинската возраст за тоа.
Кои зачини се дозволени во првата година?
Зачини кои можете да ги воведете во исхраната на бебињата до една година се: магдонос, лук, босилек, ванила, рузмарин, копар, оригано, нане и цимет. Ѓумбирот и циметот се одлични за смирување на желудникот и дијарејата, додека циметот има антибактериски и антигабични својства, исто како и ориганото. Можете да ги додадете во овошје, но и во месо, на пример, пилешко. Нането помага при проблеми со варењето, го олеснува варењето. Магдоносот е богат со витамини А, Ц, фолна киселина и железо. Копарот помага при грчеви. Ванилата го зголемува апетитот и помага при надуеност, грчеви и повраќање. Лукот е корисен против болки во стомакот или ушите, а помага и во борбата против паразити.
Сол во исхраната на децата
Иако е најчесто користен зачин во нашите кујни, тој е апсолутно забранет за вашето дете додека не наполни една година. Обрнете внимание на готовите оброци кои се често богати со овој зачин. Кујнската сол или натриум хлорид, како што сугерира нејзиното име, содржи натриум кој го има и во многу други намирници. Не треба да претерувате поради бубрезите на вашето бебе. Максималното количество сол што може да го внесе бебе до една година е 1 грам дневно, додека од првата до третата година е 2 грама. Токму поради фактот што ја има и во други производи, но и во многу готови оброци, кујнската сол како дополнителен зачин не треба да им се дава на децата пред првиот роденден.
Шеќер, колаче или хранливо чудовиште
Шеќерот кој е неопходен за нормално функционирање на организмот е гликозата која се добива од многу намирници, па додавањето шеќер всушност е тотално неоправдано и за децата и за возрасните. Покрај тоа што придонесува за зголемување на стапката на дебелеење, а со тоа и на зголемувањето на метаболичкиот дисбаланс, шеќерот придонесува и за расипување на забите, па затоа треба да се избегнува што е можно повеќе, а по можност да не се користи во исхраната на децата. Не заборавајте дека шеќерот се крие во многу готови јадења, како супи, каши, па дури и печива.

Зачини кај постарите деца?
Многу зачини можат да бидат агресивни за стомакот на вашето бебе, па затоа треба да почекате децата малку да пораснат. Тоа се, на пример, бел и црн пипер, рен, оцет и сол. Тие имаат свое нутритивно значење, но нивното воведување не треба да се избрзува пред вториот роденден.
Зачините можат да ви бидат сојузник
Доколку ги чувате соодветно, на суво и темно место, ако ги додавате полека и во ограничени количини, зачините можат да бидат корисни во исхраната на вашето дете. Не заборавајте дека е важно вашето дете да ја запознае храната во својата оригинална форма пред да започнете со воведување зачини, а и секогаш треба да внимавате на готовите производи кои се полни со не само со добри, туку и со лоши зачини. Кога внесувате зачини, прво нека бидат зачините што се карактеристични за поднебјето каде што живеете, па дури подоцна воведувајте егзотични зачини.
Автор: д-р Јована Мајсторовиќ