Кога ќе чуе безобразен одговор од устата на својот тинејџер, кога ќе види натрупани семејни обврски или лоши оценки, ретко кој родител не помислува на забрана за излегување како казна. Пред да упаднете во неговата соба, гневни затоа што ништо не направил, прво размислете што сакате да постигнете со забраната за излегување.

Мотивите и истрајноста при ваквото казнување се разликуваат од семејство до семејство. Некои родители велат дека тоа е најефикасниот начин да се почитуваат правилата, додека многу други родители не ја користат ваквата казна.

Зошто забрана за излегување?

Како возрасни сфаќаме дека ако сакаме да се забавуваме, прво мора да бидеме одговорни. Ако не сме заработиле пари, сигурно не ќе можеме да купиме многу од оние интересни работи. Ако доцниме на работа или не ги извршуваме работните задачи, тешко дека ќе можеме да ја задржиме таа работа. Тоа се основните правила на кои се придржуваат возрасните одговорни личности бидејќи се свесни за последиците.

Сакајќи да ги научиме своите деца на обврските и да помогнеме да пораснат како разумни и одговорни поединци, ги воведуваме казните за избегнување и за неизвршување различни задачи. Една од најпопуларните казни е забраната за излегување. Недостигот на одговорност автоматски доведува до недостиг на забава за тинејџерите, како и за возрасните. Тој концепт е сосема логичен ако се спроведува на исправен начин. Меѓутоа, ако не се спроведува како што треба, не дава никакви резултати.

Пред сѐ, потребно е јасно да се дефинира овој вид казна. Што подразбира? Дали се забранува само излегување од куќата? Дали подразбира и забрана за гледање телевизија? Дали децата смеат да користат мобилни телефони? А компјутер и социјални мрежи? Ако однапред одлучите што подразбира забраната, целиот процес ќе биде поефикасен. Детето однапред ќе има исцртани граници. Како и возрасните што знаат дека ако не плаќаат телефонски сметки, ќе бидат исклучени, така и тинејџерот треба да биде свесен за последиците од непочитувањето на правилата.

Како да се спроведува казната?

Придржувањето на правилото за секоја забрана е исклучително важно за успешна корекција на однесувањето. Доколку детето е свесно дека по безобразниот одговор го чека еднонеделна забрана за користење мобилен телефон, гледање телевизија, играње на компјутер и дружење со пријателите, ќе размисли дали кршењето на правилата вреди за сето тоа. Меѓутоа, ако знае дека ќе се извлече само со забрана за излегување, а пријателите и натаму ќе можат да го посетуваат, можеби ќе одлучи дека непочитувањето може да биде и исплатливо.

Дури и да имате подготвен план за казнување, секогаш може да се случи некоја неочекувана или невообичаена ситуација која може да ги искомплицира работите. Можеби некој од другарите на вашиот син ќе добие можност што се добива еднаш во животот и ќе го повика да му се придружи. Можно е и нешто да се случи во училиштето и вашата тинејџерка да има потреба да биде со другарите или, пак, на детето ќе му затреба поддршка која вие како родители не можете да му ја понудите. Ваквите ситуации навистина може да бидат тешки. Психолозите не се согласуваат целосно за тоа која е најдобрата реакција на родителите во вакви околности. Некои велат дека забраната за излегувања е како затворска казна, кога чуварот не ги пушта затворениците надвор без оглед што се случува во надворешниот свет. Други велат дека забраната за излегување не треба да го спречи детето да ги искуси случувањата во реалниот живот, да се развива, да расте и да напредува. Таквите околности еднакво ги збунуваат родителите.

Конечната одлука, сепак, останува на родителите. Никој друг не може да одлучи дали некоја ситуација е доволно сериозна за да се заобиколат правилата што сте ги поставиле на почетокот. Единствениот проблем е во тоа што подоцнежните пронаоѓања ситуации во кои правилата може да се заобиколуваат стануваат многу лесни. Ако вашето дете во текот на школската година 5-пати било казнето и секогаш сте нашле причина да ја скратите казната или да ја укинете, треба да размислите за околностите во кои го ослободувате од одговорност, бидејќи токму вие го правите тоа.

Бунтовник со/без причина

Многу родители сметаат дека најтешкиот дел во применувањето на казната се манипулацијата, кавгите, тестирањето на волјата и нервите кога нивниот тинејџер не се согласува со идејата да биде казнет. Кога однадвор ја набљудувате ситуацијата, најлесно е да се каже – не влегувајте во расправии. Сосема е едноставно тоа да се објасни како казна поради кршењето правила, но тинејџерите умеат намерно да провоцираат и да го тестираат трпението, па не е лесна задача да се остане смирен. Особено кога се доволно возрасни и мудри да можат да тактизираат.

Неретко дополнителната казна следува по вербалните протести на воинствениот тинејџер кој не се согласува со забраната за излегување. Децата на оваа возраст имаат потреба да покажат дека се независни и дека не можете да ги контролирате. Така може да се најдете во ситуација вашето дете да излезе и покрај забраната за излегување, или да го вклучи компјутерот и покрај вашата изречна забрана за вклучување. Во такви ситуации зголемувањето на казната е опасна работа доколку не сте сосема сигурни дека сте во можност да ја спроведете. Настојувајте да останете смирени и избегнувајте ситуации од кои подоцна ќе мора да смислувате стратегии за повлекување.

Надминете ја кавгата така што ќе ја претворите во комуникација. Тоа не значи автоматски да ја промените казната, напротив, треба да ја задржите вашата позиција. Едноставен пресврт во таа насока е можноста вашиот тинејџер да објасни што чувствува и да се вклучи во конверзација, што е многу поефективно од меѓусебното викање.

Запомнете дека работата не е во тоа цело време да бидете совршено ладнокрвни, ниту да настојувате да добиете награда за најпопуларен родител на годината. Во вакви ситуации вашата цел е да го научите своето дете за последиците што разумно може да ги очекува во светот на возрасните, кои нема да го третираат како да е дома и ќе му дадат можеби една третина од она што му го овозможуваат домашните. Значи, казнувањето со забрана за излегување може да биде од корист за тинејџерите особено ако имате јасна слика за тоа што сакате да постигнете и ако сте подготвени да истраете во тоа.

 



912

X