Бидејќи сметаат дека детските проодувалки предизвикуваат повеќе штета отколку корист, експертите од Американската педијатриска академија (ААП) побараа да се повлечат од продажба. Новото истражување објавено во списанието „Педијатрикс“ ја поддржува забраната за производство и продажба на такви справи.
– Детските проодувалки ги сметаме за опасни предмети од кои бебињата немаат никакви придобивки и не смеат да се продаваат во Америка – изјави педијатарот Бенџамин Хофман.

Проодувалките се причина за повреди

Според ААП, проодувалките се дизајнирани за деца од 5 до 15 месеци и се користат за децата да бидат подвижни пред да проодат.
Меѓутоа, истражувањето покажало дека најчестата повреда кај децата е предизвикана со проодувалките – паѓање по скали, а тука се вклучени и оние повреди што настануваат кога децата ќе се најдат во опкружување каде што не смеат да бидат (на пр., кујната во која е вклучена рерна).

Повредите можат да бидат тешки, вклучувајќи повреди на мозокот и труење, се наведува во истражувањето и се додава дека од 2004 до 2008 година детските проодувалки се поврзани со осум смртни случаи.
Во текот на истражувањето се анализирани податоци за деца помали од 15 месеци, а кои завршиле на итна помош поради повреди здобиени по паѓање со проодувалката. Целта на истражувањето била да се утврди дали задолжителниот стандард на безбедност, издаден во 2010 година, придонел за намалување на бројот или на сериозноста на повредите.

Продажбата на проодувалки е забранета во Канада

Според податоците, итна помош им е укажана на 230.676 бебиња, а 90 отсто од нив имале повреди на главата или на вратот. Околу 75 отсто од бебињата паднале по скали, речиси 38 отсто имале фрактура на черепот, а помалку од 5 отсто се задржани во болница.
Експертите велат дека сигурносниот стандард имал позитивно влијание врз намалувањето на бројот на повреди предизвикани од проодувалките, но тоа не било доволно.
– Најбезбедни видови проодувалки се оние без тркала – истакнуваат од ААП и нагласуваат дека тие не го олеснуваат одењето или другите моторички способности. Проодувалките им овозможуваат на бебињата да се движат толку брзо, што дури и највнимателниот родител може да не стигне да изреагира навреме во опасна ситуација – посочуваат од ААП.
– Продажбата на проодувалки е забранета во Канада во 2004 година.



912

X