Воспитување

За семејства со повеќе деца – одгледувајте ги како индивидуи

За семејствата со повеќе од едно дете, ривалството помеѓу браќата и сестрите и генската лотарија во однос на нивните таленти може да го комплицираат родителството. Сепак, фокусирањето на индивидуалните сили на секое дете може да им овозможи на родителите да ја поддржат самодовербата на децата.

Метју Сандерс е професор по клиничка психологија и директор на центар за родителска и семејна поддршка при Универзитетот во Квинсленд. Тој вели дека најважната работа што родителите треба да ја препознаат е дека секогаш ќе има индивидуални разлики во семејството.

– Тие никогаш не се идентични ниту во физичка, ниту во јазична смисла, а ниту во емоционалниот развој, социјалните вештини или искуства, особено ако се на различна возраст. Ова значи дека постарите деца секогаш ќе им служат како пример на помладите браќа и сестри – факт кој често креира предизвици за родителите. Помладите деца сакаат да ги прават истите работи како и постарите додека се во истиот простор за живеење – објаснува Сандерс.

Предавањето на желбата на помладото дете да направи нешто што го прави неговиот постар брат или сестра не е нужно вистинскиот одговор, и тоа не само затоа што нивните вештини и ниво на развој се различни или нивото на ризик е превисоко.

– Родителите навистина мора да прифатат дека иако децата во исто семејство може да делат многу нешта генски, сепак, никогаш не се израснати во иста средина. Секоја средина на едно дете е уникатна, а кога се работи за развој на нивните интереси и способности, родителите треба да бидат вклучени во активностите на секое дете посебно, а не да се обидуваат да ги третираат како група – вели Сандерс.

Тој додава дека треба да се биде конзистентен во врска со основните правила за активностите и слободите што им се дозволени на одредена возраст, со цел да се одржува хармонијата во домот.

Поддржете различни интереси

Различните интереси одат рака под рака со различните способности. 4-годишно дете може да биде одлично во шутирање топка, но да се плаши од вода, додека 7-годишно дете може да биде одличен пливач, но со лоша координација рака-око. Предизвикот за родителите е да ги поддржуваат интересите на секое дете. Распоредите и логистиката што произлегуваат од зафатениот живот на едно семејство може да ги комплицираат работите, па родителите често знаат да кажат: „Претешко е“. Резултатот е – сите деца играат фудбал или одбојка, а само едно дете е добро во тоа.

Иако е решение кое искушува, професор Сандерс вели дека тоа е грешка.

– Има некои предности во колективното вклучување на семејството во една активност во која уживаат сите, но основата е да се поддржува секое дете во она што сака да го прави – вели Сандерс.

Поддршка на самодовербата на секое дете

Клучот е да се поддржи нивната самодоверба без разлика на нивото на способност за активноста, како и да се обезбеди охрабрување и повратен одговор без разлика на способноста.

– Родителите треба да бараат градациско подобрување во нивната способност. Не е ситуација каде што треба да има споредба, па децата да се натпреваруваат меѓу себе: наместо тоа, секое дете треба да се насочи кон сопствениот труд и перформанс – потенцира Сандерс.

Одличен начин да се поддржи ваков тип на семејна средина е да се користи еден термин за вечера во неделата како шанса за поддржување на достигнувањата и интересите на секое дете. Дозволете му на секое дете да споделува што е за него забавно и специјално.

– Така децата ќе се научат да споделуваат информации за тоа што го прават. А вие ќе ги подобрувате вештините за слушање или поставување интересни прашања – вели Сандерс.

Ова, исто така, им помага на децата подобро да комуницираат за она што го сакаат,наместо да се фалат, што е одлична социјална вештина, како што вели Сандерс. За постарите браќа и сестри, кога ќе дојде редот на помладите, нивна задача ќе биде да слушаат и да не осудуваат. Оваа техника е особено важна за користење во периоди кога доаѓа до обесхрабрување и ривалство меѓу децата. На крајот, родителите секогаш треба да се навраќаат на она што е уникатно и специјално кај секое од децата, без разлика на нивните способности, карактер или интерес.

– Да, децата најверојатно ќе имаат некои заеднички интереси, па тоа е нешто што сите може да го споделувате како семејство. Но, неизбежно е дека некое дете ќе биде подобро од другите во нешто и обратно. Тоа е совршено прифатливо и нормално. Наградите вообичаено следуваат ако фокусот на семејството е на развојот на вештините, а не на доаѓањето до крајната цел. Тоа значи дека децата секогаш ќе имаат чувство на задоволство дека стануваат подобри во одредени работи, ќе сфатат дека е вредно да се борат и да се трудат – вели професор Сандерс.

Совети како да ги одгледувате децата како индивидуи

– Запомнете дека секое дете е индивидуа. Децата може да имаат различни интереси или способности и треба да бидат охрабрувани.

– Кога и да е заинтересирано детето, фокусирајте се на пофалување на градациското подобрување и труд, а не на резултатите.

– Пронајдете начин за целото семејство да се вклучи во поддржувањето на меѓусебните интереси.

– Времето за вечера е одлична можност за да му дадете шанса на секој во семејството да сподели нешто за себе. Уверете се дека сите ќе го имаат истото време за споделување и научете ги постарите деца дека нивната улога е да слушаат кога помалите браќа и сестри зборуваат.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top