Здравје

За сè помалата плодност на мажите може да се виновни вообичаените пестициди

Знаеме дека пестицидите не се добри за нас, но веројатно уште не знаеме што му прават на нашето тело. Сепак, се чини дека пестицидите се одговорни за она за што често се зборува, а тоа е намалувањето на плодноста кај мажите.

Никој не сака премногу да зборува за пестицидите. Сите некако имаме надеж дека тие ќе престанат да бидат важни ако не зборуваме за нив, кога веќе знаеме дека тешко е да ги избегнеме. Но, тие се навистина присутни секаде и во сè. И често му нанесуваат штета на нашиот организам и секојпат сме изненадени од начините на кои се случува тоа. Најновата студија, објавена на 15 ноември, покажала дека опаѓањето на плодноста кај мажите поради намалената концентрација на сперматозоиди е поврзано – ни помалку ни повеќе, со пестицидите. И тоа оние сосема вообичаените.

За ова истражување биле собрани, евалуирани и прегледани резултати од 25 студии, за одредени пестициди и машката плодност. Се покажало дека мажите што биле изложени на одредени класи пестициди имаат значително помали концентрации на сперматозоиди. Студијата, објавена во списанието „Енвироментал хелт перспектив“ опфатила податоци собрани од повеќе од 1.700 мажи и траела неколку децении.

„Без оглед на тоа како сме гледале на анализите и резултатите, видовме постојана врска помеѓу зголемувањето на нивото на инсектициди и намалувањето на концентрацијата на спермата“, истакнала авторката на студијата, Мелиса Пери, која е еколошки епидемиолог и декан на Факултетот за јавно здравје при универзитетот „Џорџ Мејсон“

„Се надевам дека оваа студија ќе им го привлече вниманието на регулаторите кои сакаат да донесат одлуки за заштита на јавноста од ненамерните, непланирани влијанија на пестицидите“.

Со децении научниците се обидуваат да решат некои важни прашања за машката плодност. Концентрацијата на спермата е еден од неколкуте фактори што се корисни показатели. Извештајот од минатата година покажал дека бројот на сперматозоиди се намалува во сите региони во светот и дека стапката на опаѓање се забрзува.

„Има некои прилично уверливи и малку застрашувачки податоци за нивото на плодноста кај мажите во последните 50-70 години, од различни места низ светот, кои укажуваат на тоа дека концентрацијата на спермата опаѓа, и тоа не за малку“, вели Џон Микер, професор по јавно здравје и животна средина од Факултетот за јавно здравје при Универзитетот во Мичиген. „Тоа е загрижувачко“, додава тој.

Промени во животната средина

Научниците долго време се сомневаат дека една од важните причини за ваквите настани би можеле да бидат промените во животната средина и со децении ја испитуваат улогата на пестицидите во студиите за животни и епидемиолошки истражувања на луѓето.

Новата анализа се фокусира на две групи хемикалии – органофосфати и некои карбамати – кои најчесто се користат во инсектицидите.

Истражувачите ги разгледале податоците собрани од луѓе кои биле изложени на пестициди и оние што не биле изложени на пестициди. Повеќето, но не сите, истражувања се фокусирале на изложеноста на работното место. Исто така, во текот на истражувањето се внимавало да се исклучат надворешните фактори кои можат да придонесат за помал број на сперматозоиди, како што се пушењето и возраста.

Истражувачите не се сигурни како пестицидите влијаат врз концентрацијата на спермата, а за оваа цел дефинитивно ќе бидат потребни дополнителни истражувања. Пестицидите се веројатно еден од многуте фактори на животната средина кои можат да придонесат за пад на концентрацијата на спермата. Трендот на опаѓање е нашироко забележан во студиите низ светот, но тоа е комплицирана тема и некои научници сè уште се воздржани во врска со тоа.

Тешко е да се пребројат сперматозоидите, а технологијата што се користи за тој процес се менува со текот на годините. Покрај тоа, постојат многу збунувачки фактори кои можат да влијаат врз машката плодност, вклучувајќи ги возраста, дебелината и употребата на супстанции.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top