Оптимално е доењето да трае до 12 месеци, а по избор и подолго. Како што воспоставувањето на лактацијата е процес, исто така и престанокот на млекото, т.е. прекинувањето со доење, мајките мора да го сфатат како процес, кој минува низ повеќе фази, вели докторката

Доењето и ноќните подои често се тема за дискусија. Колку му се потребни на едно бебе, дали станува збор за глад или утеха? Како и кога е најдобро да се прекине со доење? Дали е паметно постепено да се редуцираат подоите? Дали бебето се буди само од навика? Или, пак, ноќните подои се клучни за растот и развојот на едно мало суштество?

Од стручен агол разговараме со педијатарот д-р Марина Поп-Лазарова, која подетално ни го објаснува процесот на безболно прекинување на доењето. Според неа, како што воспоставувањето на лактацијата е процес, исто така и престанокот на млекото, т.е. прекинувањето со доење, мајките мора да го сфатат како процес, кој минува низ повеќе фази.

– Оптимално е доењето да трае до 12 месеци, а по избор и подолго. Тогаш кога децата ќе почнат да внесуваат и друга храна освен мајчиното млеко, доењето станува поважно од имунолошки аспект и комфор, а не само поради храната. Кога постојат можности, секогаш е подобро доењето да се прекинува постепено, во текот на неколку недели или месеци. Нагло и брзо прекинување е потребно само во вонредни околности (болест на мајката или детето, раздвојување од некоја причина или слични ситуации), но тоа е тешко и може да предизвика несакани компликации – објаснува Поп-Лазарова.

Стратегија

Таа советува за полесно одвикнување, секако, кога ќе дојде време, да се воведе чаша, т.е. децата да научат да пијат од чаша.
– Доените деца тешко или никогаш не прифаќаат шише со цуцла, а тоа за децата над 6 месеци не би требало да биде проблем. Најдобро е да почнете да им давате измолзено мајчино млеко кое тие го обожаваат. Потоа почнете да заменувате еден подој со оброк и тоа по можност најнеомилениот. По неколку дена (една недела најдобро) заменете уште еден подој со оброк, но секогаш оставете ги за крај вечерниот и утринскиот подој. Од тие подои детето најтешко се откажува – ни сподели Поп- Лазарова.

Да не јаде на исто место каде што се дои

Како што вели таа, хранењето не треба да се прави на истото место каде што се дои детето. А препорачливо е да се вклучи и друг член од семејството во хранењето на детето затоа што мајката секогаш асоцира на доење.
– Може да се употреби и „парцијално прекинување“ на доењето, особено кај мајките што почнуваат да одат на работа. Во тој случај се дава измолзено мајчино млеко (свежо измолзено или претходно замрзнато) со чаша или шишенце покрај другите оброци и подои. Во овие случаи особено е важно да се следи порастот на тежината на детето, за што можете да се консултирате со вашиот педијатар и заедно да ја направите стратегијата – додава педијатарот.

Д-р Марина Поп-Лазарова / Фото: Горан Анастасовски

Што ако мајката има тегоби?

Доколку имате проблем со градите, застој на млеко или дискомфор, потребно е да се измолзат градите. Ладните облоги можат да помогнат како и пиењето парацетамол или ибубруфен за намалување на тегобите. Се препорачуваат ладни облоги и делумна рестрикција на течности.

– Стегањето на градите како тривијален метод евентуално има потреба да се прави ако треба брзо да се прекине со доењето (исто како и пиењето на хормонот бромергон) или ако мајката има поголема количина млеко. Доколку постепено се прави рестрикција во подоите, овие проблеми можат да се избегнат. Секако, потребна е контрола и консултација со вашиот гинеколог доколку се појави зголемена температура, црвенило или болни грутки на дојката или лимфните жлезди – објаснува таа.

Кога детето го води одбивањето

Според неа, некои мајки го одбираат методот детето да го води одбивањето. Тоа значи дека мајката треба да го набљудува детето и неговите потреби и интереси. Имено, да не му ја нуди градата за подој тогаш кога тоа не е заинтересирано, но и да не го одбива кога ќе покаже желба за неа. Со овој начин на доење може да се продолжи и до двегодишна возраст.

Не прекинувајте кога се болни или вадат запчиња

– Многу важна препорака за мајките е да не го прекинуваат доењето кога децата се болни или имаат некакви други проблеми, како вадење запчиња. Тоа се ситуации кога доењето им е храна и „лек“ на децата. Ова исто се однесува и на најтоплите месеци во годината кога е зголемен ризикот од цревни инфекции (проливи и повраќања), а истовремено имаат и поголема потреба за внес на течности. И на крај, потребно е да се потенцира дека секое искуство е индивидуално (особено за секој пар мајка-дете) – додава Поп-Лазарова.



912

X