„Уметноста на љубовта“ е книга на која често ѝ се навраќаме, а она што Ерих Фром го открива за односот помеѓу мајката и детето, како и за природата на мајчинската љубов, не престанува да нѐ инспирира и разнежнува…

1. Мајчинската љубов по својата природа е безусловна. Мајката го сака новороденчето не затоа што тоа исполнило некаков специфичен услов или задоволило некакво специфично очекување, туку затоа што е нејзино дете.

2. Во идеален случај, мајчинската љубов не го спречува детето да порасне, не се обидува да ја искористи неговата беспомошност. Мајката треба да верува во животот, затоа не смее да е премногу вознемирена за да не го зарази и детето со својата мачнотија. Желбата за независност на детето и конечното одвојување од неа треба да бидат дел од нејзиниот живот.

3. Најочигледен пример за чувствителност кон друго човечко битие наоѓаме кај приемчивоста и чувствителноста на мајката кон нејзиното бебе. Извесни телесни промени, барања, вознемиреност, таа ги забележува пред тие отворено да се појават. Таа се буди кога бебето ќе се расплаче, додека друг, многу посилен звук не би ја разбудил. Сето тоа значи дека таа има чувство за животните манифестации на детето; таа не е вознемирена или загрижена, туку е во состојба на внимателна рамнотежа, приемчива за секоја позначајна комуникација што доаѓа од детето.

4. Да се верува во некоја личност, значи и да се има верба во можностите на другите. Најрудиментираниот облик на таа верба е вербата на мајката во новороденчето: дека ќе живее, ќе расте, ќе оди и ќе зборува.

5. Мајката не смее да биде само „добра мајка“, туку и среќна личност, но оваа цел многумина не ја постигнуваат. Не е ниту потребно да се зборува колку тоа влијае врз детето. Љубовта на мајката кон животот е исто така пренослива како и нејзиното чувство на мачнотија.

6. Токму поради алтруистичкиот, несебичен карактер, мајчинската љубов се смета за највисок облик на љубовта и најсвета од сите емоционални врски. Меѓутоа, изгледа дека мајчината љубов не доаѓа во целосен израз во љубовта кон бебето, туку во љубовта кон детето што расте.

7. Ниту еден објективен набљудувач на нашиот западен живот не може да се сомнева во тоа дека љубовта – братската љубов, мајчинската љубов, еротската љубов – е релативно ретка појава и дека нејзиното место го зазеле многу облици на псевдољубов кои, всушност, се облици на дезинтеграција на љубовта.

8. Дека љубовта содржи грижа, најочигледно е кај љубовта на мајката кон детето. Никакво уверување во нејзината љубов не би ни звучело искрено кога би виделе дека таа го занемарува своето бебе, дека не го храни редовно, дека не му обезбедува физичка удобност; но нејзината љубов остава впечаток врз нас ако ја видиме како се грижи за своето дете. Во тоа нема разлика дури ниту кај љубовта кон животните или цвеќињата. Кога некоја жена би ни рекла дека ги сака цвеќињата, а ние сме забележале дека не ги полева редовно, не би ѝ верувале на нејзината „љубов“. Љубовта е активна заинтересираност за животот и растењето на она што го сакаме. Така, каде што ја нема таа активна заинтересираност, нема ниту љубов.

9. Мајчинската љубов кон детето што расте, љубов која ништо не бара за себе, можеби е најтешко остварливиот облик на љубов, а многу лесно може да нè залаже поради леснотијата со која мајката може да го сака своето мало дете. Но, токму поради оваа тешкотија, жената како мајка може вистински да сака само ако воопшто може да сака; ако е способна да го сака својот сопруг, непознатите, сите човечки битија. Жената што не е способна да сака на овој начин може да биде посветена мајка додека е мало детето, но не и вистинска мајка ако не е подготвена да сака и по одвојувањето.

10. Ако некој има можност да го проучи влијанието на мајката што вистински се сака себеси, ќе може да забележи дека во стекнувањето искуства за тоа што се љубовта, радоста и среќата за детето нема ништо поважно отколку мајката што се сака и себеси.



912

X