Дали некогаш сте се почувствувале како вонземјани? А можеби сте помислиле дека животинчето на соседите или, пак, бабичката од првиот кат дека е вонземјанин? Не сте единствени. И Маја така се чувствува. Ете веќе толку време се труди да се објасни со мајка си, но се разидуваат. Не дека Маја лошо објаснува, нити пак мајка ѝ е неразбран човек. Но, ете – не ѝ е верно дека баба Цена и нејзината мачка се вонземјани. Ама навистина, па, која обична мачка има зелена боја?! Со право се мршти Маја, која верува дека луѓето се досадни затоа што сè гледаат така како што изгледа, што не е сосема точно.

Но, Маја како да ја мачи нешто… Нема да ви откријам зашто ќе исчезне магијата. Вака почнува книгата што е украс за сечија душа и копнеж на секоја домашна библиотека. Насловена е „За мачките, за нотите и за бубачките“. Авторка е исклучителната писателка Јасминка Петровиќ. Впрочем, сигурно се сеќавате на нејзината приказна за Никола што беше во потрага по нови родители („Сакам дома!“) 🙂

Во ова ново книже има уште две други приказни. Секоја од приказните е толку нежна што нè скротува до мера да ја прегрнеме книгата како да го прегрнуваме своето милениче.

На пример, на ѕвезденото девојче Ѕвезда најголема радост ѝ е деноноќната дружба со клавирот. Мајка ѝ ја убедува да се одмори, да оди надвор и да си поигра со другите деца, но на Ѕвезда воопшто не ѝ е товар посветеноста на музиката. Но, набрзо се случува пресврт, кога во соседната зграда се вселуваат две интересни сестрички – новите другарки на Ѕвезда. Можете само да замислите како изгледаат нивните игри. Од кога ја затворив книгата, а уште ја слушам нивната смеа. Ја скокоткам вашата љубопитност за да ја прочитате оваа книга и да откриете каков е вкусот на акордите и што се случи со Месечината откако се сопна од еден облак. Ех, ама е заразно ова смеење на Ѕвезда, Бојана и Невена… 😉

А сега да ве прашам, ама искрено да ми кажете: дали се плашите од бубачки? И Милан многу се плашеше од нив, но мислам дека го надмина тој страв. Тој со задоволство би играл видеоигри до бескрај, ама немој да сте му споменале планинарење и слично. За разлика од него, пак, татко му е обземен од природата и во секоја можна пригода го води својот син на екскурзија. На Милан не му е по волја, но не се буни премногу. Арно ама, една партија Магаре (сигурно ја знаете оваа игра со карти) и сите стравови магично исчезнуваат и планината изгледа попривлечна…

Ако немате телескоп, а имате бујна фантазија, двоглед до ѕвездите нека ви биде оваа книга. Таа пред вас ќе ви отвори една нова и бескрајна галаксија. Ако не верувате – обидете се сами и ќе се уверите. И само да ви шепнам една тајна – читајте полека и внимателно зашто и книгите се вонземјани. Не е сè така како што ви се чини на прво читање.



912

X