На децата им треба многу внимание и љубов, им треба нашето време, не да сме само „тука некаде блиску“, туку да издвоиме време кое квалитетно ќе го поминеме со нив – низ игра, приказни или заедничка комуникација.

Станав мајка многу млада, денес на 21-годишен син, кој токму на овој начин израсна во едно прекрасно суштество, иако сите мислеа дека поради разводот нешто ќе му недостига во животот. Навистина немојте да се обвинувате ако се најдете пред животна раскрсница која во вашиот живот го донела искуството на развод. Идеални услови се децата да растат во среќни семејства, каде што мајката и таткото се сакаат и се поддржуваат, почитуваат и разбираат, но не е секогаш така и немаат сите можност да растат и да пораснат во такви услови.

За жал, сè повеќе има такви ситуации меѓу сите нас и не мора децата да страдаат поради тоа. Потешко ќе им биде да гледаат двајца несреќни родители како не се сакаат и се расправаат отколку да гледаат родител со кој остануваат, се разбира, кога ќе помине времето на приспособување, простување и прифаќање, кој е во мир со себе. Денес често родителите остануваат во добри односи, што е многу здраво за понатамошното воспитување на децата и на тој начин децата полесно го пребродуваат раздвојувањето од оној родител со кој повеќе не живеат.

Ако им даваме љубов, разбирање и поддршка, без разлика дали сме самохрани родители или родители во брак, тие ќе научат дека единствено е исправно да се постапува така како што ние постапуваме со нив.

Децата го учат она што го гледаат.

Кога има кавги, непочитување и омаловажување, ќе сметаат дека тоа е во ред и ќе ги градат своите обрасци на однесување и своите уверувања врз основа на она што се случува во нивниот дом. Така ќе се однесуваат и кон другите околу себе. Денес, покрај толку технологија и свет кој напредува од минута во минута, модерни играчки, телефони, таблети, конзоли и слични технолошки чуда, тешко е на децата да им се одвлече вниманието и да се забавуваат на различен, би рекла дури и поздрав начин.

Децата навистина станаа многу напредни и многу интелигентни и не им треба многу размислување за да сфатат како сето тоа функционира и дека сето тоа им е многу забавно и преку сите тие игри се развиваат моторичките и интелектуалните способности, но да се обидеме сепак на нашите деца да им ги вратиме оние стари друштвени игри и занимации покрај кои ќе учат да се поврзуваат со себе и со другите.

Среќните сеќавања и спомени врзани со, за вас, драги места, можете да ги овековечите со среќни координати

Секогаш ќе имаме работа – и во канцеларија и дома. И секогаш ќе има некоја е-порака на која треба денес да се одговори и секогаш ќе има облека за пеглање, готвење, бришење прашина, но растењето на нашите деца поминува многу брзо и нема да можеме да ги надоместиме, ниту да ги повториме тие моменти. Животот брза со нас и покрај нас и колку и да сте зафатени, издвојте време кое ќе го поминете со своите деца, во прошетки, во парк, низ заедничка игра…седнете со нив во песок, извалкајте се сите заедно, газете во вирчиња кога паѓа дожд, пишувајте, цртајте и бојте заедно, читајте приказни, гответе и печете колачиња, создавајте заеднички сеќавања и спомени.

Нашите родители можеби не знаеле како, можеби немале време и нивното детство било многу потешко од нашето, како што сега е различно детството на нашите деца. Но, затоа толку многу нешта се подостапни – и совети, и книги, и емисии, и блогови, и портали за воспитување деца, работилници, игротеки и слични работи, и би било навистина штета сето тоа да не го искористиме и да им помогнеме да растат среќно и задоволно. Иако понекогаш немаме сила, ниту волја за нешто и изморени сме и би побегнале од реалноста, да не заборавиме дека без разлика на тоа што се малечки и не разбираат, тие сепак ги чувствуваат нашата тага и немир, како и среќа и радост. За внимание и љубов секогаш најдете момент, па и ако тоа е само прегратка и „те сакам“, но нека биде со цело срце, па децата ќе знаат да го ценат тоа и ќе ви возвратат на ист начин.

Дајте им на своите деца најмногу што можете, во емотивна смисла, бидејќи за љубов и внимание не се потребни пари и скапи работи, потребно е само срце, а тоа не чини ништо.

Бидејќи на тој начин, децата учат да бидат сакани, да се сакаат себеси и светот околу себе и таквите деца растат во здрави личности, силни и со силен карактер. И стануваат топли и сочувствителни личности, оние личности што ќе знаат да разликуваат добро од лошо, личности кои ќе се ценат и почитуваат себеси и другите и на тој начин ќе создадат подобар и поубав свет.

Автор: Мирјана Петковиќ

Извор



912

X