Воспитување

За доброто на децата, родителите да не војуваат по развод

Родителите во време на развод да останат разумни, да ја тргнат себичноста настрана и да не влегуваат во војна со своите поранешни партнери бидејќи нивните проблеми оставаат трага и несакани последици врз нивните деца, вели психологот Добревска

Здружението на граѓани „Центар за рамноправно родителство – Децата пред сè“ и Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ уште еднаш посочија на проблемите со кои голем број деца се среќаваат при бракоразводните постапки на нивните родители, особено фактот дека сѐ поголем број деца се предмет на родителско отуѓување. На неодамнешната средба се зборуваше за најчесто застапените проблеми со кои се соочуваат децата при бракоразводните постапки.

Тие ја информираа јавноста за моменталниот статус околу законските промени кои ги предлагаат, а се однесуваат на концептот за заедничко родителство, за кое зборуваше Наум Рибароски од „Децата пред сè“.

– Веќе извесно време постои иницијатива за законски измени за реализација на заедничкото родителство по развод – рече Рибароски.

На средбата се зборуваше и за синдромот на отуѓено дете по бракоразводна постапка, како и за дојавите на „Ало Бушавко“ – телефон за деца и млади.

Потпишан е и Меморандум за соработка помеѓу двете организации, а се зборуваше и за најчестите примери на девијации што се јавуваат кај децата кои се предмет на конфликтни разводи и зошто е добро да се воведе заедничко родителство, за што образложи прим. д-р Славица Гајдаѕис-Кнежевиќ од Институтот „Алтернатива“.

Психологот и координаторката на „Ало Бушавко“, Клементина Добревска, апелира до сите родители, мајки и татковци во време на развод да останат разумни, да ја тргнат себичноста настрана и да не влегуваат во војна со своите поранешни партнери бидејќи нивните проблеми оставаат трага и несакани последици кај нивните деца.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top