Како и во сите сфери, во време на пандемија и игротеките трпат сериозни загуби и се соочуваат со голема финансиска криза. Ограничувањата, рестриктивните мерки и долгиот период во кој им се наметна забрана за работа принудија многу сопственици да ги затворат своите објекти

На сите вработени, родителите и на децата им се мери температура пред влезот на игротеката и во случај на зголемена температура, тие не се пуштаат внатре. Децата и родителите ги пречекува вработен во игротеката кој е задолжен да се грижи да ги дезинфицираат обувките и рацете. Задолжителна е маска за возрасните, додека децата од претшколска возраст не носат маска. Почитување на мерката за физичка дистанца од најмалку 1,5 метар.

Максималниот дозволен број на деца во делот за играње во игротеката е 10. Максимално дозволено време за престој во игротеката на една група посетители е 2 часа. Кадифените играчки се отстранети и не се користат. Играчките, по секоја група на деца, се дезинфицираат со дезинфекциско средство кое дејствува на вируси според упатството на производителот. Доколку настанот е роденденска забава, се забранува дување на свеќи… Ова е само дел од протоколот за работа на игротеките во услови на пандемија.
Како и во сите сфери, и игротеките трпат сериозни загуби, се соочуваат со голема финансиска криза. Ограничувањата и рестриктивните мерки, кои траат долг период, во кој беше наметната и забрана за работа, принудија многу сопственици да ги затворат своите објекти.

Се надеваме дека набрзо ќе закрепнеме

Иако периодов добија дозвола за работа, сопствениците минуваат низ тежок период, кој дополнително ќе го намали бројот на игротеките.

– Сѐ уште важат исти протоколи како во сите угостителски објекти, ништо плус или минус. Само чекаме пандемијата да заврши. Нема што друго да додадеме – ни изјавија разочарани од игротека и кафе-бар „Дрим парти“.

И од игротеката „Плеј“ велат дека владините мерки, односно пропишаните протоколи имале многу лошо влијание врз нивниот бизнис.

– Можам да кажам дека протоколите доста лошо се одразија врз нашиот бизнис, како и самата пандемија. Но позитивната работа е што барем можеме да работиме и во вакви услови. Капацитетот не смее да биде исполнет повеќе од 50 отсто. Потребна е честа дезинфекција на цела игротека, односно под, тоалет и секако контрола на сертификати за вакцинација или прележан ковид… Со еден збор, вложување многу енергија, а речиси никаков профит. Но се надеваме дека набрзо ќе закрепнеме. Роденденски прослави правиме и имаме, но со многу малку луѓе и дечиња бидејќи не се сите вакцинирани, а и голем дел од луѓето сѐ уште се плашат. Но сѐ на сѐ, ние како игротека сме задоволни и од овој број на родендени за да можеме да преживееме во вакви услови како компанија – изјавуваат од „Плеј“.

Тие се грижат за своите гости и здравјето им е на прво место.

– Што се однесува на заштита на дечињата, им мериме температура, правиме дезинфекција на рачињата, честа дезинфекција на игротеката и досега мислам дека сѐ е во ред. Не примаме премногу посетители. Најмногу 10-ина дечиња поради безбедност – дополнуваат од „Плеј“.

Родителите со поделени ставови

Поделени се мислењата на родителите за игротеките. Некои сметаат дека не се безбедни за нивните деца затоа што и покрај дезинфекцијата, играат со исти играчки, дишат ист воздух и со посета на вакви објекти ги изложуваат своите деца на ризик. Но други се радуваат што имаат можност да им овозможат социјализација, игра надвор од дома во зимски услови.

– И на децата им треба промена, да излезат од дома и да се социјализираат. Во зима и немаме некои опции, па практикуваме повремена посета на игротека. Добро е да се има како опција. Секако дека максимално се придржуваме до мерките, пред сѐ за наша безбедност, но и за сите други. Пандемијата трае долго, не можеме да ги затвориме децата дома, им треба игра, слобода, промена… Со пандемијата ги задушивме и нив. Се чувствувам како да им ги ограничивме сетилата. И роденденските забави ни се сведени на мал и семеен круг, но потребно е да се одбележат. Роденденските забави се настан на годината за децата, а сега се целосно стишени. Вистинската игра на децата сепак ќе продолжи или по пандемијата или во природа, кога временските услови ќе го дозволат тоа. Ова е само привремена алтернатива на која мора да се приспособиме – ни изјави Рената С., мајка на Војдан.



912

X