Децата се постојано во фаза на адаптација која никогаш не завршува

На ученици од петто одделение од Основното училиште „Панајот Гиновски“ од скопската општина Бутел за пет години им се смениле дури 10 наставнички.
Класот од 17 ученици, кои посетуваат целодневна настава, и оваа учебна година ја почнал со нова наставничка – десетта по ред. Претходната добила отказ.

Родителите се бесни и велат дека нивните деца веќе не ја сметаат наставата за сериозна.
„Наставничката е префрлена во друг клас“, „Наставничката нема да дојде“, „Наставничката доби отказ“, „Така одлучи Општината“. Ова се образложенијата што ги добивале од одговорните во училиштето по секоја смена на кадарот.
– Воопшто не ни е гајле која е причината за овие чести промени. Ние сакаме, како и во секое училиште, децата да ни ги учат исти наставнички. Бидејќи одат во целодневна настава, имаат две наставнички. Една од нив е постојана, но ниту една втора наставничка не истерала цела година со нив – вели родителка.
Оваа честа промена на наставниот кадар лошо влијае врз децата, велат родителите.
– Попуштија со учењето, веќе не ја сфаќаат сериозно наставата, се плашат од училиштето. Ниту нас ниту децата ги известуваа кога ќе се случеше промената. Ги оставаме децата, гледаме нова наставничка. Не знаеш кој ќе ти го преземе дента детето. Тоа одново запознавање со секоја наставничка лошо им влијае. Се случуваше по два месеца настава да донесат нова наставничка – вели друга мајка на дете од одделението.
Тие објаснуваат дека децата се приврзуваат за наставниот кадар, го засакуваат, се навикнуваат на начинот на работа.
– Првата промена ја доживеаја како првачиња. Тамам се навикнаа на наставничката, дојде друга, па трета… Ова не е добро за нивниот развој – велат родителите.

Училиштето им е втор дом, мора да се чувствуваат сигурни

Директорката на училиштето, Катерина Мартиновска, не гледа ништо лошо во тоа што во одделението се менува кадарот.
– За секоја промена имало причина и има покритие, може да се информирате и во Општината. Не гледам ништо лошо ако се случуваат вакви промени. Тоа исто така не влијае негативно врз наставата – вели Мартиновска.
Последната наставничка што предавала во ова одделение добила отказ. На нејзино место е донесена нова.
– Редовно го посетувам ова одделение, наставата тече без пречки. Имам средби и со родителите и сите се редовно информирани за промените – вели директорката.
Психолози, пак, сметаат дека честото менување на наставниците, особено во одделенска настава, може негативно да се одрази врз учениците. И наставник кој знае дека нема долго да се задржи во одреден клас нема многу да се залага за децата.
– Наставниците, особено оние од одделенска настава, и класните раководители се како родители. Училиштето им е втор дом на децата. Тие се мајки и татковци кои ги насочуваат, советуваат, им помагаат. Ако често се менуваат, децата остануваат без својот заштитник на кој му веруваат. Кога има еден што е подолго време со нив, има сосема друга хемија меѓу нив. Една промена во текот на пет години не е ништо, но повеќе, секако дека остава последици – вели психологот Борјана Јаневска.
Таа додава дека децата создаваат близина со наставниците, почнуваат да имаат доверба во нив откако ќе ги запознаат. Ако немаат време за тоа, нема да има сигурност. Децата се постојано во фаза на адаптација која никогаш не завршува.
– Во вакви класови проблемите се наталожуваат. Пример, има деца на кои им треба инклузивност, деца што се поагресивни, деца на кои им треба помош и поголем поттик за совладување на наставата. Овие проблеми ќе останат нерешени бидејќи ниту еден наставник нема да има простор да ги реши, а другиот што дошол нема да ги знае – вели Јаневска.
Како за децата, така и за наставниците не е толку добар концептот на чести промени. Какви последици ќе има тоа врз децата, во голема мера ќе зависи и од постојаната наставничка. Практично товарот паѓа на неа.
– А не се во завидна ситуација ниту оние наставнички што постојано се менувани, без можност за континуитет во нивното работење. Затоа сметам дека се губи квалитетот на наставата и општо влијанието во воспитниот аспект ќе биде помало. Според неа, во вакви ситуации дека треба да се сосредоточат на наставата, да си ги завршуваат задачите. Родителите треба да имаат време да ги слушнат нивните доживувања во училиштето и да разговараат доколку има некој тековен проблем, за навремено да се реагира – додава психологот.



912

X