Да се учи и охрабрува детето да се храни здраво, стана поголем предизвик бидејќи во модерниот свет многу работи ги оттргнуваат децата од правилната исхрана. Според ново истражување кое вклучува повеќе од 50 илјади адолесценти на возраст помеѓу 12 и 18 години, се открило дека тинејџерите што поминуваат 5 или повеќе часа на своите телефони или таблети имаат поголема веројатност да консумираат нездрава храна, за разлика од оние што поминуваат помалку од 2 часа пред екраните. Истражувањето, исто така, открило дека оние што поминуваат повеќе време на своите уреди јадат помалку зеленчук и овошје, за разлика од другата група.

Иако поминувањето многу време пред екраните е поврзано со нездраво однесување и јадење, некои деца сепак ги учат навиките за јадење од своите родители или старатели на рана возраст. Затоа родителите треба да инсистираат на тоа од самите почетоци да им всадат здрави навики во исхраната на своите деца и да продолжат со тоа и во нивните тинејџерски години. Ова се неколку совети во таа насока:

Јадете заедно

Повеќето бебиња се подготвени да јадат цврста храна од 6 месеци, па откако детето ќе го постигне тој чекор, уверете се дека во неговата исхрана има здрави оброци, а воведете и навика да јадете заедно на маса. Времето за заедничко јадење им дава можност на малите деца да развијат добро однесување во однос на исхраната и да научат за нејзината разновидност. Додека не можат многу да придонесат во разговорот на масата, бебињата сепак учат за социјалната интеракција преку набљудување на членовите на семејството додека се јаде. Исто така, рутината за оброци им овозможува на децата да знаат што може да очекуваат и што да прават кога е време за оброк или ужина.

Зголемете ја позитивната изложеност на здрава храна

Од претшколските години па натаму, повеќето деца имаат цврсти ставови за храната што ја сакаат, па тоа креира низа предизвици за родителите кога планираат оброци за сите членови. Според истражување, пребирливоста е конзистентна особина кај деца на возраст од 4 до 9 години и често е причина за недоволно снабдување на децата со потребните хранливи материи. Терањето на детето да проба некоја храна не е најдобриот начин бидејќи тој притисок му создава поголема отпорност. Наместо тоа, можете да ја зголемите позитивната изложеност на здравата храна на тој начин што ќе ги земате децата со вас кога купувате храна, ќе ги оставите тие да изберат свежо овошје и зеленчук и слично. Дајте им можност да ви помагаат и со подготовката на оброците, а може да им дозволите тие да одлучат која храна ќе ја спакуваат како ужина за на училиште. Ужината може да ја спакувате на креативен начин или да направите да изгледа поигриво со цел да му го привлече вниманието на детето.

Воведете правило да не се вклучуваат уреди за време на оброците

На децата што влегуваат во пубертет и адолесценција поверојатно е да им се одвлекува вниманието од нивните врсници и уреди за разлика од нивните помали браќа и сестри додека јадат, па воведете го правилото дека не смее да има уреди околу вас додека јадете оброк. Возрасните, исто така, треба да го почитуваат ова правило и да ги остават своите телефони настрана додека јадат со семејството. Одолејте му на искушението да го вклучите телевизорот и развијте ведар разговор со најблиските.

Имањето здрави прехранбени навики доведува до здрав ум и тело. Научете ги децата да се хранат правилно и здраво колку што е можно порано и продолжете да ги водите на тој начин и низ нивните тинејџерски години за нивна општа благосостојба и добро здравје.

Автор: Ернест Хамилтон

Извор



912

X