Во нашето општество, што и да направи, мајката е виновна. Пред само неколку дена видов татко во парк како вози едно дете во количка, другото, малку поголемо, го држеше за рака, а третото, многу мало бебе, во носач. Колку бев воодушевена! И не вреди, веднаш ми блесна низ глава – каков херој од татко! Мислам, и мајка да беше наместо него, ќе го мислев истото, „каква кралица“, но кога ќе видиш татко во таква ситуација, тоа е слично како да видиш еднорог. Не обвинувајте ме за тоа, обвинувајте го општеството кое очекува сѐ од мајките, а од татковците најмногу што очекува е „да се најдат кога ќе имаат време“. Значи, ако нешто тргне наопаку, знаете кој е виновен, нели?

Мајката!

Ако лебди над децата постојано загрижена и обидувајќи се да направи сè совршено, тогаш таа е „мајка хеликоптер“. Но, ако им дозволи да се качат на тобоганот или да гледаат во телефонот додека се на игралиште, тогаш ги запоставува децата.

Ако готви секој ден, избира органска храна и не сака да дава грицки и слатки, тогаш нејзините деца „ќе бидат желни и кога ќе одат кај други ќе грабнат сѐ што е благо што ќе им се најде пред очи“. Но, ако таа им дава крофни и мафини за појадок затоа што нема време да подготви нешто здраво секој ден, тогаш им го расипува здравјето и е мрзлива.

Ако дои, а нејзиното бебе не добива килограм месечно или се буди навечер, тогаш нешто згрешила. Ако додаде адаптирано млеко, тогаш лесно се откажала да го прави најдоброто нешто за своето бебе. Ако реши да не се врати на работа по завршувањето на породилното отсуство, тогаш таа е „неамбициозна домаќинка“ и им дава лош пример на своите деца. Но, ако се врати на работа, сите ја потсетуваат на моментите што ќе ги пропушти бидејќи „децата се мали само еднаш“.

Ако не ги изгубила килограмите брзо по породувањето – „Боже мој, како се запустила! Но, ако брзо се врати во форма – „Дали се грижи за тоа дете или само се грижи за тоа како изгледа?“

Во општество кое знае сè најдобро, омилената дисциплина е навлегување во животот на мајката и осудување на сè што прави.

И ако одлучите да дозволите да ве допре и да ги слушате коментарите, секогаш ќе имате чувство дека сето тоа го правите погрешно. Како никогаш да не бидеш доволно добар за никого. Дека вашето дете заслужува подобра мајка.

Значи – не слушајте и престанете да се чувствувате лошо за вашите избори. Најдоброто нешто што можете да го направите за вашите деца е да бидете присутни и само да ги стуткате сите очекувања што другите ги имаат од вас и да ги фрлите в канта за ѓубре.

Тоа е ваше семејство. Не нивно.

Извор



912

X