Корнелија Ѓорѓиеска, доктор по општа медицина

Корнелија Ѓорѓиеска, доктор по општа медицина

kornelija_gjorgjieska@hotmail.com

Повеќе од авторот

Родители, охрабрете ги вашите малечки на редовна физичка активност, а тоа не значи дека мора да посетуваат специјални тренинзи

Значителен број возрасни лица се жалат на голем број нарушувања што се поврзани со атмосферските промени. Ваквите искуства се присутни веќе долго време, особено кога се случува брза и нагла промена на времето. Вака приближно може да се објасни метеоропатијата. Но, дури и многу мали деца се подложни на промената на временските услови, без разлика дали се работи за студен или топол бран. Во раното детство, децата се ранливи на промена во времето поради едноставниот факт – нивните природни одбранбени способности (имунитет) и нивниот терморегулационен центар сè уште не созреале. Нивното тело сè уште не поседува „оружје“ за одбрана и затоа е повеќе изложено на негативните ефекти од промена на времето и климата. Промените во годишните времиња, како преладно во пролет и претопло во есен, значително влијаат и врз здравјето на децата.

Многу здрави деца може да се чувствуваат полошо кога се менува времето, без некои специфични симптоми на болест (т.н. примарна метеоропатија).
Како да се ублажат ефектите од промената на времето кај децата? Помошта зависи пред сè од биометеоролошката состојба, а помалку и од возраста на детето. Во суштина, без оглед дали метеоропатијата е предизвикана од поладен или потопол воздух, најважно е да ги заштитите децата кај кои одбранбените способности на нивниот организам се слаби.

Децата помали од 2 години, кои се чувствителни, подобро е да не одат надвор кога е многу студено или многу ветровито, и ако не може да се избегне тоа, потребно е да бидат соодветно облечени. Облеката треба да биде лесна, пријатна и не смее да го стега детето никаде за да овозможи кожата да дише (транспирација) и да спречи навлегување на ладен воздух. За таа цел, волнената облека е најдобра затоа што создава заштитна бариера помеѓу кожата и околината.
Дури и при голема топлина, а особено кога има голема количина на влажност на воздухот, подобро е чувствителните деца да останат во куќата и соодветно да се облекуваат во лесна памучна облека.
Промените во однесувањето, т.е. изнесувањето на чувствителните деца треба да е постепено.

Дали правилната исхрана и дополнителните витамини и минерали ќе ми помогнат да го одржам здравјето на моето малечко?
Традиционалната медицина не дава никаква специфична помош за тешкотиите што се јавуваат како примарна последица од промената на метеоролошките услови или климата. Овој проблем е тешко да се реши и сè што може да препорача лекар е симптоматско третирање на симптомите, т.е. намалување на температурата, поголем внес на течности, олеснување на кашлицата, а во случај на бактериска инфекција, да препише соодветен антибиотик. Се разбира, на пазарот се нудат голем број производи – мултивитамини со многу минерали кои можат да влијаат врз одбранбените способности на организмот, но во секој случај треба да се консултира лекар кој добро го познава детето за да одлучи дали на детето му се потребни вакви додатоци или не.

Децата секако треба да внесуваат природни витамини преку, на пример, свежо исцеден овошен сок од портокал и грејпфрут, како и други овошја или зеленчуци на кои може да се додаде лажичка мед (двапати на ден), но кај малите деца треба да се почитува редоследот за внесување разни намирници и продукти во исхраната. При промените на времето се препорачува да не се заборава на овие витамински додатоци.

Родители, охрабрете ги вашите малечки на редовна физичка активност. Тоа не значи дека детето мора да посетува некои специјални тренинзи. Редовната физичка активност е корисна бидејќи го стимулира системот за терморегулација. Пред сè, доволно е да му се овозможи на детето да игра слободно, а со тоа самостојно ќе го зајакне телото.
Имајте навика детето често да го носите на прошетка, во парк, на планина или на чист воздух. Ова важи и за во зима, особено кога времето е сончево и стабилно, бидејќи тоа поттикнува полесно приспособување на неговиот систем за контрола на температурата на телото.

Просториите во кои детето секојдневно престојува мора да имаат соодветна температура и влажност, без разлика дали станува збор за лето или зима. Температурата во просторијата дефинитивно треба да биде под 22° C, а влажноста не смее да надминува 60%.

Она што е многу важно е на организмот да му се даде време постепено да се приспособи на новите услови. Имајте трпение, детскиот одбранбен систем е незрел и не може да се приспособи екстремно брзо.



912

X