Некои луѓе цврсто веруваат дека мајките треба да останат дома со своите деца и да зависат целосно од своите сопрузи за финансиска поддршка. Иако нема ништо лошо во тоа да сте невработена мајка, сепак, не треба да бидат засрамени и мајките што работат или имаат потреба од работа од која било причина. Сепак, некои семејства не можат да постигнат да ги платат трошоците со само еден приход.

Истражувачите откриле дека вработените мајки всушност им обезбедуваат на своите деца и на општеството воопшто низа придобивки. Според Американската психолошка асоцијација и анализата на 69 студии за насоките во оваа област во изминатите 5 децении, изборот на мајката да работи не влијае негативно врз однесувањето на детето.

Вработените мајки им стануваат добри модели на своите деца

Всушност, во многу случаи децата на вработените мајки покажуваат помалку бихевиорални проблеми отколку децата на невработени мајки. Тие бележат и подобри успеси на образовен план. Децата со вработени мајки често поминуваат и квалитетно време со своите мајки. Во студија спроведена во 2014 година истражувачите Ејми Хсин и Кристина Фелфе откриле дека мајките што се вработени го користат слободното време за целосно да им се посветат на своите деца. Додека краткорочните придобивки за децата на вработените мајки звучат како доволно добра причина да се поддржат вработените мајки, некои расправаат дека овие придобивки не се доволни за да го надминат времето што децата го поминуваат згрижени од други луѓе. Сепак, има неколку начини на кои навистина се јавуваат и долгорочни придобивки.

За почеток, вработените мајки стануваат добри модели за своите деца – без разлика на полот на децата. Девојчињата учат дека можат да бидат сè што ќе посакаат, па тоа им помага да се фокусираат на своите кариери и образование, додека момчињата учат дека домашните обврски не се само на мајката и учат и самите да ги завршуваат одговорностите во домот.

Понатаму, децата што растат со вработени мајки учат да бидат независни. Дури и кога мајката работи од дома, децата од рана возраст учат сами да завршуваат обврски и да бидат понезависни. На крајот, децата кои ги гледаат своите мајки како работат всушност имаат повеќе шанси и самите да имаат успешна кариера кога ќе пораснат. Студија на Бизнис-школата при „Харвард“ открила дека возрасните деца на вработени мајки заработуваат приближно 25 проценти повеќе од возрасните деца на мајките домаќинки. Ова е така затоа што првите добиваат повисоки позиции. Поголемиот приход носи многу придобивки, а кругот може да продолжи и на следните генерации.

Не сака секоја мајка да работи, но не сака и секоја да остане дома. Одлуката да се остане дома или да се работи не е лесна и во многу случаи се донесува во согласност со тоа што е најдобро за семејството.

Сепак, општеството мора да види дека вработените мајки овозможуваат исто толку придобивки за своите деца колку и невработените. Многу студии покажале дека вработените мајки обезбедуваат уникатни придобивки за своите деца за време на детството, како и во зрелата доба.

Па, време е да престанеме да ги засрамуваме вработените мајки – тие даваат сè од себе за да се уверат дека нивните деца имаат сè што им е потребно. Време е вработените мајки да ја добијат заслужената почит, без разлика дали се со целосно работно време, работат од дома или во канцеларија, имаат висока позиција или не.

Автор: Меган Глосон

Извор



912

X