За изјава се обративме кај директорката на градинката „Павлина Велјанова“. Таа ни одговори дека нема да дава изјави за јавноста сѐ додека не помине периодот за жалба од осум дена за огласот за вработување во градинката

Родителите и децата од градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани го бараат назад наставникот кој пет години им предавал гимнастика, а од септември веќе нема ангажман и на негово место ќе предава друг наставник.

Наставникот Николче Колев на својот фејсбук-профил објави видео на кое се гледа како децата одушевено го скандираат неговиот прекар Коката кога влегува во занималната. Тој објаснува дека друг кандидат е примен на работното место и покрај успесите што тој ги постигнал со децата.

За Деца мк, тој објаснува зошто не ја добил работата:

–  Самиот го воведов и го смислив проектот „Корективна гимнастика“ во кој вложив многу труд, енергија, знаење, стручност, љубов и организација на 5 детски олимпијади. Бидејќи родителите плаќаа за часовите, претходната директорка на градинката поднесе барање до Министерството за труд и социјална политика да одобрат вработување на наставник по физичко. Министерката Мила Царовска за една недела го одобри барањето за работното место. Но, на огласот се пријави и друг кандидат и ми беше кажано да не очекувам дека ќе бидам примен бидејќи не сум партиски подобен – вели Колев.

Колев оди кон занималната каде што децата го скандираат неговиот прекар

Тој е огорчен од оваа одлука и вели дека ја обжалил.

– Тука веќе не се работи за мене, се работи за децата. На тоа видео што го објавив се гледа како ме пречекуваат на секој час. Вака, со скандирање на моето име во секој од петте клона на градинката. Децата не можеш да ги излажеш, и најмногу жалам за нив – вели наставникот.

Неговиот фејсбук-профил е преполн со пораки од родители кои кажуваат колку тој им недостига на децата. Дел од нив потпишуваат и петиција за негово враќање во градинката.

– Нонстоп ми ѕвонат родители, ми кажуваат дека децата ме бараат. Дури и воспитувачките ми велат дека постојано прашувале кога ќе дојдам на час. Зарем не се важни децата во оваа приказна – прашува Колев.

Ова се дел од коментарите на родители на децата оставени како поддршка за наставникот:

„Сите родители чии деца одат или оделе во градинка го знаат и го ценат твојот труд. И целиот град знае колку многу децата го сакаат Коката. Ќе победи детската љубов. Верувај!“

„Моето дете, Кока, првпат за гимнастика разбра од тебе. И се радуваше на денот вторник, кога Коката ќе дојде да ги вежба. Сега гледам од твојот пост дека работите не се како што треба. Ниту некој нè има информирано нас како родители“.

„Не знам кој се осмелил да донесе ваква одлука, но факт е дека нешто е згрешено. Не знам, ниту ме интересира кој е поставен на неговото место, но ова момче направи ренесанса кај децата од градинките. Штета што некој секогаш се наоѓа да ја извалка работата“.

За изјава се обративме кај директорката на градинката „Павлина Велјанова“. Таа ни одговори дека нема да дава изјави за јавноста сѐ додека не помине периодот за жалба од осум дена за огласот за вработување во градинката.

Инаку, Колев е и селектор на Македонската репрезентација во гимнастика и тренер на гимнастичкиот клуб „Кочани“. Но, вели дека работата со децата и развивањето на љубовта кон спортот од најмали нозе му се најголем предизвик.



912

X