Се прашувате дали секоја мајка го чувствува стресот од обидите за поставување баланс меѓу работата и домашните обврски, како што го чувствувате вие. Имате чувство и дека времето поминува, а вие не можете доволно да ги реализирате амбициите, а децата растат толку брзо. Без разлика каде сте, дома или на работа, секогаш имате чувство дека треба да бидете на друго место, да направите нешто продуктивно. Тајно, копнеете по бегство за викенд, но секогаш смислувате изговор зошто да не го сторите тоа.

Во книгата „Заборавете на тоа да имате сè“, авторот и новинар Ејми Вестервелт ја сумира дилемата на вработената мајка: „Очекуваме жените да работат како да немаат деца, како и да воспитуваат деца како да немаат работа“. Поради ова, жените чувствуваат вина – што се вработени и што не се. Често жените се соочуваат со проблемот дека работата им заостанува, а и дека пропуштаат значајни моменти од животот на децата. Сето тоа изгледа како ситуација во која нема победник, а чувствата на вознемиреност, исцрпеност и пораз може да доведат до целосно „прегорување“.

Вработените мајки постојано го бараат балансот, па не се чувствуваат лошо само поради изневерувањето на децата, тимот или претпоставениот, туку се обвинуваат и затоа што не се грижат за себе, каење што не им помагаат на постарите родители доволно или, пак, срам што му кажуваат на пријател дека се под стрес – како да немаат право да се чувствуваат така. Згора на тоа, појавата на пандемијата им создава дополнителни проблеми на родителите, особено на мајките – сега мора да бараат решенија за едукација и грижа за децата. Резултат на сето тоа е чувството на вина, бидејќи во поголем дел од сегашноста децата поминуваат време пред екраните, а мајките се често на зум-конференции.

Ослободувањето од вината треба да ви биде приоритет. Таа ве јаде однатре, ви го нарушува спиењето, влијае врз расположението и речиси никогаш не сте присутни со умот. Постојат неколку стратегии со кои може да започнете да се ослободувате од вината:

1. Простете си

Не нервирајте се поради вашите избори и околности. Вината може да се претвори и во срам, а емоционално е болно постојано да се чувствувате како лоша мајка, лош вработен или лош пријател. Наместо тоа, запомнете ги причините што стојат зад вашите избори. Секојпат кога ќе се чувствувате лошо поради нешто, сетете се зошто сте ја донеле таа одлука – и продолжете понатаму.

2. Повторете ги своите вредности

Јасно одредете ги вредностите и приоритетите во вашиот живот и потоа живејте во согласност со нив. Често луѓето кажуваат што им е најважно, но тоа не го преточуваат во практика. Ако времето поминато со семејството ви е на врвот на листата, а мислите дека не го практикувате доволно, тогаш ослободете се од вината и направете нешто во врска со тоа. Кажете им „не“ на непотребните обврски, а можете да ги вклучите и вашите деца во некои од активностите што ги реализирате. Користете ги викендите за наменски активности и слично.

3. Побарајте помош

Една од најтешките работи за многу жени е да побараат помош. За тоа треба пракса, но откако ќе сфатите дека и тоа е добар чекор, ќе почнете да го применувате. Побарајте ги блиските лица, роднини, пријатели, соседи, родители, експерти. Пред да бидете свесни за тоа, ќе се уверите дека таквиот чекор донел до олеснување и за вас и за оние околу вас.

4. Бидете доволно добри дома

Родителите треба да бидат емоционално присутни, да го утешат своето дете, да ги дознаат неговите чувства, да покажат радост кога го гледаат детето, да го поддржуваат кон градењето здрав и сигурен меѓусебен однос. Со други зборови – треба да се поврзуваат и да се грижат за детето, без да ги жртвуваат сопствените потреби и здравје. Сите треба да го следиме тој пример и да не се обидуваме да бидеме совршени родители кои можат да направат сè – запомнете го основното, а тоа е дека сте доволно добри.

5. Не следете ги оние што ве разочаруваат

Не мора постојано да ги гледате објавите на другите лица по социјалните мрежи и нивните навидум совршени животи. Времето што го поминувате на тие мрежи не треба да ве онерасположи, па затоа ако нешто ви предизвикува негативни емоции, едноставно не следете го. Запомнете дека вината е тесно поврзана и со емпатијата. Ако се чувствувате виновни, тоа значи дека имате и сочувство, грижа за оние околу вас. Ако се ослободите од вината, не значи дека сте мајка која не ги сака своите деца. Тоа значи дека ќе биде реализирана емпатијата пред вината. Наместо да се чувствувате заглавени, моќта на сочувството може да ве мотивира да се поврзете и со вашата работа, како и да најдете радост во тоа што сте родител – мајка.

Автор: Шерил Џ. Зиглер

Извор



912

X