Начинот на кој е воспитано едно дете во голема мера го обликува неговото однесување во зрелата возраст, а зборовите што ги користи можат многу да откријат за неговото детство. Дисциплината им помага на децата да израснат во успешни и приспособени личности кои практикуваат самоконтрола и не се сметаат за повеќе од другите. Од друга страна, отсуството на дисциплина може да создаде чувство дека имаат право на сè што ќе посакаат, поради што тешко се соочуваат со одбивање или неуспех.
Кога таквите лица ќе се најдат во ситуација во која не го добиваат она што го сакаат, тие често реагираат со изговарање одредени реченици што го одразуваат нивниот внатрешен свет.
„Не е фер“
Луѓето кои во детството не биле дисциплинирани често ќе кажат дека нешто не е фер кога работите не одат во нивна корист. Бидејќи не се соочувале со последици за своите постапки, тие развиле силно чувство дека заслужуваат сè што ќе посакаат.
– Очекувањето дека секогаш ќе го добие она што го сака и вознемиреноста кога тоа нема да се случи е прилично лоша особина. Преголемите барања се штетни за сите видови односи и го нарушуваат и интимното и површното поврзување – објаснува психологот Мери Ен Литл.
„Зошто јас би требало да го направам тоа?“
Недостигот на дисциплина во детството може да доведе до недостиг на одговорност во зрелата возраст. Таквите лица тешко се соочуваат со последиците од своите дела и често сметаат дека одредени задачи не треба да ги извршуваат.
– Без доследност во спроведувањето на правилата и соодветни последици, младите можат да се борат со разбирањето на врската помеѓу нивните постапки и нивните резултати, што доведува до збунетост и општ недостиг на насока – наведува тимот експерти од „Арајс сосајети“.
„Ти си виновен/виновна за ова“
Луѓето што како деца не биле дисциплинирани често не развиваат чувство на одговорност. Затоа, за своите неуспеси и проблеми ќе ги обвинуваат другите. Обвинувањето е одбранбен механизам со кој се избегнуваат непријатните чувства.
– Обвинувањето на другите всушност е форма на избегнување на вината. Како и сите други одбранбени механизми што се користат за избегнување непријатни емоции, вината се смета за еден вид емоционално избегнување – нагласува советничката Кејти Кандарис-Вајнер.

„Претеруваш“
Обидот да се дискредитираат туѓите чувства е честа тактика на луѓето кои не научиле да ги регулираат своите емоции. Бидејќи тешко се носат со сопствените чувства, реакциите на другите ги доживуваат како претерани.
Дисциплината е клучна за учење почитување на границите и чувствата на другите луѓе, а нејзиниот недостиг го прави тоа исклучително тешко.
„Кој си ти да ми кажуваш што да правам?“
Таквата реакција произлегува од чувство на самоправедност и проблем со почитувањето авторитет и граници. Таквите лица никогаш не добиле можност да научат како да преземат одговорност и здраво да решаваат конфликти, поради што им е тешко да прифатат совети или критика.
„Не ме интересира како се чувствуваш“
Оваа изјава јасно покажува недостиг на емпатија и чувство дека сè им припаѓа на овие личности. Тоа им создава големи тешкотии при градењето здрави односи.
Децата што не биле дисциплинирани често никогаш не научиле како да се справуваат со фрустрацијата и сè им изгледа премногу оптоварувачко. Се борат со пријателствата затоа што никогаш не научиле да ги почитуваат правилата или ограничувањата, а тоа често ги следи и во зрелата возраст.