Рибата, поради своите нутритивни вредности, не само што претставува оптимална замена за црвеното месо, туку во споредба со него има и низа предности. Тоа е намирница која, кога ќе дојде вистинско време, треба задолжително да се стави во бебешкото мени.

Хранливи својства на рибата

За разлика од другите видови месо, рибата е лесно сварлива, што ја прави погодна за бебешкиот дигестивен тракт, кој сè уште не е доволно развиен. Рибата содржи омега 3-масни киселини кои се многу корисни за јакнење на имунитетот, за видот, како и за правилен развој на бебешкиот мозок. Познато е дека нервниот систем на бебето почнува да се развива уште во стомакот на мајката, па затоа и на трудниците им се препорачува редовно да јадат риба. Експертите тврдат дека рибата драстично ги намалува симптомите поврзани со постпородилна депресија. Како и животинското месо, и рибата содржи изобилство од протеини, но е помалку мрсна.

На крај, рибата е вистински рудник на разновидни витамини и минерали. Богата е со калциум, флуор, фосфор, јод и железо, како и витамини од Б-групата, витаминот К и витаминот Д. Сите овие витамини и минерали го потпомагаат нормалниот раст на бебињата, правилниот развој на забите, коските, мозокот, сетилото за вид, погодно влијаат врз крвотокот, жлездите и кожата на детето.

Кога да ја вклучите во менито

Најголема дилема за родителите е возраста на детето на која смее да се храни со риба. Од мојата баба одамна слушнав интересно тврдење – дека риба не треба да му се дава на дете што не научило да го изговори зборот „риба“.

Мислењата на нутриционистите се различни. Некогаш се сметало дека рибата, која инаку може да предизвика различни алергиски реакции, не смеат да ја консумираат деца помали од една година. Тоа и денес важи за деца чии родители или членови од потесното семејство се алергични на риба. Меѓутоа, ако кај никој од семејството на детето во текот на животот не се јавила алергиска реакција на риба, бебето може да проба риба првпат во 9. месец. Некои педијатри и нутриционисти тврдат дека дете со полни 6 месеци е спремно безбедно да консумира риба, но во поголем број земји родителите не го практикуваат тоа.

Правилото што секако треба да се почитува е бебето веќе да јаде житарки, овошје и животинско месо пред на неговото мени да се стави рибата.

Совети за купување

Најдобро е рибата да се набавува од рибарница или од хипермаркети од сосема едноставна причина – таму производите најдобро се контролираат. Ако станува збор за свежа риба, обрнете внимание на неколку детали – на бојата – која треба да биде сјајно светла затоа што тоа потврдува дека таа е свежа, на жабрите – кои треба да имаат црвеникава боја и на нив не смее да има слуз, на очите на рибата, кои треба да бидат благо испапчени и да имаат сјај, како и на телото, зашто не смее да биде меко бидејќи само еластичната и крута риба е свежа.

Не купувајте ја рибата ако почувствувате пресилен мирис, а ако при готвење е присутен мирис на амонијак, фрлете ја. Рибата што подолго време била изложена на сонце или не била транспортирана во разладно возило може при готвењето да испушти отровни материи кои се предизвикувачи на разни опасни инфекции. Покрај тоа, рибата со таков квалитет често ослободува и хистамин, кој е причинител на алергиски реакции.

Свежата риба што сте ја купиле чувајте ја во фрижидер на максимално ладење и тоа еден ден. Најдобро е свежата риба да ја приготвите веднаш по купувањето. По 24 часа задолжително треба да ја замрзнете. Замрзнатата риба, со уредна декларација на која се видливи датумот на производство и земјата на потекло е безбедна за употреба зашто таа веднаш штом ќе биде уловена, се става на длабоко замрзнување. Покрај тоа, смрзнатата риба не ги губи своите нутритивни вредности.

Кој вид да го одберете?

Најдобро е да почнете со видови риби што немаат претерано изразен мирис и вкус. На пример, со ослич или пастрмка. Детето најлесно ќе ја прифати таквата риба. Кога ќе се навикне на вкусот, одличен избор се лосос и бела туна, а значително поевтина, а исто така добра варијанта се сардините. Овие три вида изобилуваат со омега 3-масни киселини.

Совети за подготовка

Варената риба е вистински избор, а подоцна рибата може и да се пече во рерна или на скара. Постојат многу добри рецепти што се корисни за секој родител, а во продолжение прочитајте го нашиот.

Рецепт: Филети од лосос во млеко

Состојки 100 г филети од лосос, 200 мл млеко, 1 компир, 2 лаврови листа, 2-3 лажички палента

Подготовка: Филетите измијте ги со студена вода и ставете ги на салфетка за да се впие водата. Потоа рибата варете ја 10-ина минути во млеко, а компирот, исечен на коцки, и лавровиот лист варете ги во вода. Извадете ги рибата и компирот и ставете ги во чинија.
Во млекото додајте ја палентата и варете неколку минути, додека смесата не стане густа. И на крај, измешајте сè и изгмечете со виљушка или изблендирајте.



912

X